МагазинРецепти

РЕСАНА ТОРТА КОЈА СЕ ПРАВИ ЗА 5 МИНУТИ: Сите го бараат рецептот

Рецептот ни доаѓа од попyларниот готвач Тони од Германија. Оваа убава торта има толку многу добар вкус, што сите кога ќе ја пробаат веднаш го бараат рецептот. Она што е перфектно кај оваа торта, е нејзината едноставност и брзината со која се приготвува. Постојат различни „Ресана“ торта, а оваа може да се јаде веднаш штом се испече и прелие со глазурата. Постапката за приготвување е лесна како пердув.

Доволно е да имате 5 минути од вашето време, зошто толку време е потребно за да се изматат потребните состојки за оваа торта. Овој рецепт е совршен кога немате многу време за во кујна или кога ќе ви дојдат ненајавени гости, па можете набрзина да го приготвите додека пиете кафе. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 225 г шеќер, 270 мл млеко, 450 г брашно, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 1,5 лажичка прашок за печиво (речиси една кесичка), 300 г јафа/ресана колачи со полнење од портокал. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо, 200 мл слатка павлака.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете пет јајца и додајте 225 г шеќер. Изматете пенасто со жица-маталка додека да се растопи шеќерот и јајцата да згуснат и малку да побелат. Може да користите и миксер.

Во смесата додајте 270 мл млеко, па повторно промешајте за да се изедначи. Јајцата и млекото треба да бидат на иста собна температура. Во течните состојки додајте 450 г брашно и 1,5 лажичка прашок за печиво.

Сувите, прашкасти состојки секогаш е најдобро да се просејат, бидејќи на тој начин бисквитот станува понежен и повоздушест. Додајте и една кесичка ванилин шеќер па полека промешајте со жица-маталка.

Кога убаво ќе ги соедините сите состојки, треба да добиете мазна и компактна смеса без грутчиња. Земете еден плех со средна големина и обложете го со хартија за печење. На дното наредете ги колачињата со полнењето да бидат свртени нагоре.

Одозгора рамномерно излејте го приготвеното тесто за бисквит, пополнете ги сите празнини, малку протресете го и потчукнете го калапот, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути.

ЗА ГЛАЗУРА: Чоколадото искршете го на коцки па додајте го во слатка павлака и ставете да се загрева на тивок оган. Мешајте постојано додека чоколадото целосно да се растопи и да добиете убава глазура. Павлаката не смее да зоврие зошто ќе го промени вкусот.

Печениот колач оставете малку да подизлади, па прелијте го со топлата чоколадна глазура. Оставете да се олади половина час во фрижидер, а потоа можете да го сечете и послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button