Редовна седница на Македонскиот национален совет – донесена Стратегијата за работа на Националниот совет во периодот од 2026 до 2031 година

На 17-тата редовна седница на Националниот совет на македонската национална заедница во Република Србија, која се одржа во пресрет на Свечената академија во Лесковачкиот културен центар на 13 декември 2025 година, членовите на Советот едногласно ја усвоија Стратегијата за работа на Националниот совет за периодот од 2026 до 2031 година.

Усвоената Стратегија претставува клучен стратешки документ со кој се дефинираат долгорочните цели, приоритети и насоки за делување на Националниот совет во наредниот петгодишен период. Документот се темели на досегашните резултати и искуства од повеќе од две децении континуирана работа на Советот, при што се надоврзува на веќе воспоставените механизми за заштита и унапредување на правата на припадниците на македонската национална заедница во Република Србија.
Во Стратегијата посебен акцент е ставен на понатамошното унапредување и системско јакнење на образованието на македонски јазик со елементи на национална култура, како и на создавање услови за континуиран развој и афирмација на културното творештво и културните манифестации. Значајно место зазема и унапредувањето на информирањето на македонски јазик, поддршката на издавачката дејност, како и поттикнувањето на службената употреба на македонскиот јазик и кириличното писмо во средините каде што за тоа постојат законски услови.




Стратегијата, исто така, предвидува мерки за јакнење на институционалните капацитети на Националниот совет, подобрување на внатрешната организација и професионализација на неговото работење, како и унапредување на соработката со државните институции во Република Србија, органите на локалната самоуправа, другите национални совети, граѓанскиот сектор и релевантните институции во матичната држава – Република Македонија.
Документот е изработен преку широк и инклузивен консултативен процес, со активно учество на претставници на образовни, културни и информативни институции, здруженија и поединци од македонската заедница. На тој начин, Стратегијата претставува реална, одржлива и применлива рамка за понатамошен развој, зачувување и унапредување на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Република Србија, во согласност со важечката законска рамка и европските стандарди за заштита на малцинските права.


