Вести

Работна средба со претставниците на Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог

Делегација на Македонскиот национален совет, предводена од претседателката Зорица Митровиќ, заедно со секретарот Марјан Јованоски, директорот на НИУ „Македонски информативен и издавачки центар“ Озрен Симјановски и уредникот на редакцијата на македонски јазик при РТВ Златко Јанкуловски, оствари работна средба со државниот секретар др Иван Бошњак, во својство на изасланик на министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог, г. Дема Бериша.

На средбата се разговараше за тековните прашања и предизвици со кои се соочува македонската заедница во Република Србија, со посебен акцент на образованието, информирањето, културата и употребата на македонскиот јазик. Делегацијата го запозна државниот секретар со реализираните активности на Советот, како и со плановите за идниот период, при што беше изразена благодарност за досегашната поддршка од страна на Министерството.

Во рамки на посетата, се разговараше и за можностите за вклучување на македонските здруженија, институции од областа на културата во актуелните и претстојните јавни повици, како и за конкурсот за Буџетскиот фонд за национални малцинства, кој наскоро ќе биде распишан.

Состанокот помина во конструктивна атмосфера, со взаемно изразена подготвеност за продлабочување на соработката, со цел унапредување на положбата на припадниците на македонската национална заедница и зајакнување на општествениот дијалог на сите нивоа.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button