Во Белград во организација на здружението Македониум се одржа промоција на зборникот „Македонски во 30 лекции“ од авторката Елеонора Конеска Средојевиќ, а во реиздание и во соработка со белградскиот весник „Политика”.
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во Белград во организација на здружението Македониум се одржа промоција на зборникот „Македонски во 30 лекции“ од авторката Елеонора Конеска Средојевиќ, а во реиздание и во соработка со белградскиот весник „Политика“.
Зборникот „Македонски во 30 лекции“ од авторката Елеонора Конеска Средојевиќ, ќерка на академик Блаже Конески опфаќа двојазични текстови објавени во Политика публикувани со цел на афирмирање на македонскиот јазик во Србија.
„Се работи за една збирка „Македонски во 30 лекции“ на српски и македонски јазик, што ја пронајдовме во архивата на нашинецот Ранко Бебекоски кои беа објавувани во весникот Политика во 1984 година како лекции по македонски јазик. Со дозвола на авторката и на Политика ние ги реиздадовме и ја промовираме оваа брошура за да на нашите членови на здружението Македониум, нивните потомци и на сите Македонци кои живеат овде во Србија, им овозможиме да ги совладаат основните правила на граматиката на македонскиот јазик“, изјави Зорица Митровиќ, претседателка на здружението Македониум во Белград.
Зборникот содржи лекции по македонски јазик кои се илустрирани со цртежи и вињетки како и текстови на српски јазик и научно стручни коментари за разни прашања поврзани со македонскиот јазик како што се зборовите, азбуката, акцентот, писмото и други граматички карактеристики.
На промоција присуствуваше и македонски амбасадор во Белград, Никола Тупанчески кој кажа дека меѓународната заедница повеќе од 20 години става акцент врз мајчиниот јазик што е значаен атрибут на секоја држава и нација.
„Одбележувањето на мајчиниот јазик на македонската држава претставува уште една потврда на верификација на еден од атрибутите на државата. Верувам дека ваквите настани придонесуваат во негување и афирмација на она сè што се нарекува обележје на една држава“, изјави проф. Д-р Никола Тупанчески, македонски амбасадор во Р. Србија.
На промоцијата беше одржано предавање за зачувувањето на македонскиот јазик на овие простори од Јелена Тричковска, асистент на Катедрата за Хунгарологија на Филолошкиот факултет во Белград и соработничка на македонските лекторати во Унгарија и Словачка.
Во културно уметничката програма настапи ансамблот ,,Македониум” со пригодни македонски песни.