ЗапознавањеКултураМагазин

Приказна за мартинките – модерни модни додатоци од старото време!

Секој 1 – ви Март, во чест на мистериозната Баба Марта и доаѓањето на пролетта, се плетат уникатните мартинки, едни од омилените модни додатоци на младите.

Имено, мартинките се бразлетни направени од црвена и бела волница, исплетена на различни начини. Белата боја ја симболизира чесноста и искреноста, а црвената светлината и љубовта во животот.

Покрај како бразлетни, мартинките се прикачуваат и на облеката, во домот, се носат и како приврзоци. Мартинките како бразлетни, се носат од 1 – ви Март па сѐ до расцветувањето на првото дрво како предвесник на пролетта, а потоа се верува дека треба да се закачи на дрвото со желби за добро здравје.

Целиот овој обичај се верува дека доаѓа од македонскиот празник Ксантика на кој нашиот народ верувал дека се случува „прочистување на душата“, простување на гревовите, но и доминација на разбудената пролетна светлост над зимската темнина.

Според преданието, Ксантија била божица на сите цвеќиња, на љубовта и убавината. Во неа бил заљубен македонскиот Бог Македон, но откако злите сили ја претвориле Ксантија во цвет, Македон секоја пролет ја барал својата љубов на сите ливади и полиња, покрај сите бистри потоци и реки, во сите градини во својата земја Македонија. Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Македон и божицата Ксантија, Македонците првиот месец на пролетта го нарекле Ксант, а пролетниот празник Ксантика.

Ксантика е инаку едно од најсветлите обележја на старо – македонските народни обичаи, што со својата магична моќ ги обединува душите на целиот народ во борбата за подобар живот. За жал, денеска овој празник скоро и да не се прославува. Македонските војници, Ксантика ја славеле облечени во свечена македонска облека, пееле и играле македонски песни и ора, со што се истакнувала уникатноста на нашиот народ.

Денеска, делови од овој празник може да пронајдеме во празнувањето на Прочка, Младенци, Благовец, Лазарица, Цветници и неколку други празници што се прославуваат во текот на пролетта.

Во некои делови од Битола, овој празник сѐ уште се прославува со цел да се зачува традицијата што македонскиот народ ја имал наназад низ годините, но сепак, тоа не е доволно за повторно да се актуелизира еден ваков празник од големи и значајни размери.

Она што секако се актуелизира денеска, е враќањето на мартинките. Неколку години наназад, мартинките може да се купат на најразлични места и да се ужива во нив во текот на цел март.

Доколку сте обожавателка на истите, задолжително набавете си волница, одвојте малку време и направете си една уникатна мартинка со која ќе ја прославите убавината на месецот март! 

Среќна Баба Марта!

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button