ВестиКултураНајави

Првите три македонски кусометражни играни филмови на 25. издание на Фестивалот на нитратен филм во Белград

Од 6 до 15 јуни во просториите на Југословенската кинотека во Белград се одржува јубилејното 25. издание на Фестивалот на нитратен филм. На фестивалот на кинотечни остварувања ќе бидат прикажани вкупно 43 остварувања од 23 земји на Европа, Азија и Северна Америка. Во тие рамки, третиот ден на јубилејната манифестација, на 8. јуни од 16 часот, македонската кинотека ќе се претстави со посебна програма која вклучува претставување на првите три македонски, крусометражни играни филмови снимени во далечната 1957 година.

Станува збор за 18-минутните филмови „Бунт на куклите“ според сценариото и снимателката работа на Љубе Петковски во режија на Димитрие Османли, „Сонце зад решетки“ според сценариото (според сопствениот расказ “Едно жешко јулско пладне”) и во режија на Славко Јаневски, со снимател Бранко Михајловски, како и за 25-минутниот „Подарокот на веселиот молер“ што според расказ на писателот од Војводина Михаљ Мајтени го режирал Димитар Ќостаров, додека снимател е Киро Билбуловски. Трите филмови беа предвидени да го сочинуваат првиот македонски омнибус филм. Трите филмови биле снимени истата година, но не биле споени во замислениот омнибус за кој македонската Кинотека поседува повеќе документи и написи. Меѓу останатото убаво сведоштво е и една од знаменитите колективни карикатури на Василие Поповиќ-Цицо во кој се претставени авторите и соработниците на првиот македонски омнибус. Така, спојување на трите филма во еден вид „кинотечна премиера“ се случува сега, и тоа како фестивалски настан.

Филмот, кој е прво играно остварување на македонски автори, Кинотеката на Македонија го опреми со текстуална најава, е именуван “Омнибус 1957”. Музиката на првите два филма е на Ладислав Палфи, а на третиот Трајко Прокопиев. Во последните два филма настапува Јован Ицмарев, своевремено познат како кловнот Кики од Скопскиот циркус кој фунционирал две сезони во раните 1950-ти, додека во „Бунтот на кулклите“ главната улога ја игра младиот Емил Рубен. Монтажата на трите филма е на Драги Панков.

Инаку, Фестивалот на нитратниот филм традиционално се отвора на денот на Југословенската кинотека, кој воедно го означува почетокот на прикажувањето филмови во Белград и на Балканот. Според зборовите на директорот на Фестивалот филмологот Александар Саша Ердељановиќ: „Набавивме грст ремек-дела, новооткриени филмови и новоизработени филмски копии. Оваа сјајна програма значајна е и поради разновидноста. Присутни се сите жантови – комедии, историски филмови, драми, спектакли, кукла-филмови…“. На отворањето во салата „Макавеев“ публиката ќе има можност да ги види ексклузивните снимки на големиот научник од светски глас Михајло Пупин, од 1928 година на свеченост во Рочестер, САД, при презентацијата на Кодаковиот систем во боја, на кој бил поканет и големиот научник. Фестивалот ексклузивно ќе прикаже и пет новооткриени кратки играни филмови, два италијански два француски и еден американски за кои е утврдено дека тоа им се единстените сочувани копии на светот.

Меѓу големите творечки имиња 25. Нитрат ќе ги прикже филмовите на великаните на филмската режија Ернст Лубич, Мориц Стилер, Џејмс Круз, Виктор Туржански, Вернер Хохбаум, Михаил Калатозов, Марио Моничели и други.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button