БлогВестиМакедонија

После летото доаѓа зимата, ама кому му е за тоа гајле во македонската држава

Македонската држава, поточно македонската политичка елита го поминува летото на еден вообичаен начин. Без многу активности затоа што нели така де доликува, лето е, треба сите да се одморат, па и „неуморните“ политичари. Во македонската држава всушност летото и кај вработените, а посебно кај политичарите се доживува како училишен летен одмор, кој трае скоро па три месеци. Дури, некои ученици, кои за време на летниот распуст се вработуваат хонорарно, изгледа дека се повредни од политичарите. Ама пак ќе кажам, кому му е гајле дали политичарите работаат или не – кога секогаш тие главната своја задача си ја завршуваат на изборите, така што веќе триесет години по ред ги лажат македонските граѓани за подоброто утре, светлата иднина, економската сила и што ти уште не.

Всушност во македонската држава се живее како во некоја бајка. Се изгледа така смирено, така убаво, граѓаните по кафичите и рестораните, младите по дискотеките и клубовите, политичарите на егзотични летни патувања – некој да гледа од страна ќе помисли дека нема поразвиена држава од македонската на овој свет, ќе помисли дека баш во оваа земја граѓаните го уживаат сето она што граѓаните на другите земји не можат ниту да го замислат.

Ама вистината е сосема различна. Во македонската држава животот на обичниот граѓанин е секаков – само не бајковит. Затоа што и понатаму е скоро на европското дно кога се гледа просечната плата, затоа што е и понатаму на европското дно кога е во прашање квалитетот на здравствениот систем, затоа што е и понатаму на европското дно кога е во прашање стандардот на живеење. Ама тоа драги мои таму не се гледа – затоа што човекот се навикнува на се, па дури и на лошите живеачки услови. А македонските граѓани, и Македонците, и Албанците, и Турците, и Власите, и Ромите, и Србите до таа мера се навикнати на тоа што не им паѓа напамет да се борат за било какви промени. Впрочем сметаат дека тоа е тоа, а и стално си велат – не дај Боже од полошо.

И со таква стратегија „не дај Боже полошо“ македонските граѓани осиромашуваат се повеќе од ден во ден. Додека политичарите со слична стратегија, пресликана од страна на граѓаните, на идентичен начин ја водат и политиката.

Додека другите земји ја очекуваат веќе најавената ладна зима, кога енергетските ресурси не се гарантирани, кога цените на енергентите ги достигнуваат историските врвови, македонските политичари одлучија само да спроведат неколку мерки, малку да го намалат греењето, малку да ги подучуваат граѓаните како да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и тоа е тоа. Никаква друга стратегија. Никаква диверзификација на енергетските ресурси, никакви стратешки проекти за енергетска одржливост, никаков план што понатаму доколку навистина европскиот континент се соочи со недостаток на енергетски ресурси.

Веќе ви реков. Македонската држава е како некоја бајка. Изолирана од сите дневни и актуелни случувања и на регионално и на европско и на светско ниво. Само што оваа бајка, како е тргната, тешко дека би можела да има среќен крај каков нам ни е познат од времето кога бевме деца и читавме бајки. Барем засега работите така изгледаат. Освен ако некој, како би рекол некој обичен Македонец, не се чукне во главата. За сега нема ништо од тоа. За идните генерации ќе видиме. Доколку воопшто останат идни генерации во македонската држава.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button