БлогВести
Актуелно

Пописот во Србија и шансата на македонскиот народ

За само неколку дена во Република Србија ќе започне новиот попис, после десет
години, што е веќе неколку децении вообичаен стандард во секоја европска држава.
Малцинствата веќе се организираат и водат разноразни кампањи со цел да ги активираат своите
сонародници и на тој начин да ја зацврстат својата позиција како малцинство, но од
друга страна, политичките представници на малцинствата да ја зацврстат и својата
видливост и препознатливост на политичката сцена во Србија, која е од ден во ден се
попривлечна за таканаречените челници на малцинските народи кои живеат во оваа
земја.
Во таа статистичка операција е вклучено и македонското малцинство кое живее и
работи во Србија. Но за да биде истата операција успешна, како во статистичка
смисла, така и во смисла на националното изјаснување битно е да се кажат неколку
работи, а тоа што ќе го кажеме ќе го потврдат многу Македонки и Македонци кои веќе
неколку децении живеат во српската држава, уште од времето на заедничката
Југославија.
Почитувани Македонки и Македонци во Србија не е срамота да се изјасните како
Македонец и како Македонка, ниту пак е срамота да кажете дека вашиот мајчин јазик е
македонскиот јазик.
Без оглед на тоа што се зборува во одредени медиуми во регионот, без оглед на
тоа што зборуваат некои бриселски бирократи, кога е во прашање македонскиот народ
во регионален контекст, Србија е баш таа држава во која македонскиот народ може
слободно да живее, работи, да се изразува и да не се почуствува понижен затоа што
е Македонец кој зборува македонски јазик.
Во Србија не е срамота да се претстави македонскиот фолклор, затоа што во Србија ја
обожаваат македонската музика. Во Србија не е срамота да се претстави
македонската храна, затоа што секој Србин ужива во вкусот на македонскиот
патлиџан, пиперка, ајвар… Во Србија не е срамота да кажете дека македонскиот народ
има своја историја, затоа што секој просечен Србин знае кој го окупирал македонскиот
народ во Втората светска војска и кој ја „администрирал“ територијата на современата
македонска држава.
Затоа искористете го овој Попис и како секој горд Македонец, како секоја горда Македонка, вредни, докажани, со главата горе – кажете кој сте и што сте, на кој јазик
зборувате и која азбука ја користите – барем во државата во која можете тоа да го
правите без никаков проблем, без никаква резерва, фуснота, политичка закана или
судска пресуда. Без страв дека утре вашите села ќе немаат доволно струја или вода,
како што некои села на македонскиот народ во регионот и во 21 век мака мачат со
водата за пиење и електричната енергија.
Србија можеби не е идеална држава, како и што и секоја друга исто така – ама барем
не го спори тоа што е основно човеково право на секој нејзин граѓанин, па и на оние
кои се изјаснуваат како Македонци кои говорат македонски јазик.

Затоа на претстојниот Попис – покажете дека не има повеќе, покажете дека сме
поуспешни, побројни, поразвиени, дека го чуваме нашиот национален идентетитет,
културната посебност, историските карактеристики и сето тоа што ги сочинува и претставува Македонците, без оглед на тоа каде сме. Србија ја дава таа шанса – да ја искористиме достоинствено.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button