Поетска вечер со Емилија Тодорова

На 28 мај 2025 година, во културниот простор Куќа на Ѓура Јакшиќ во српската престолнина, Здружението на граѓани од македонска националност „Македониум“ организираше поетска вечер посветена на македонската поетеса и преведувачка Емилија Тодорова, како дел од манифестацијата Денови на македонската култура во Белград ,,Допир на Македонија”.
Настанот беше вистински празник на поетската мисла и емоција. Присутните имаа ретка можност да се запознаат со животниот и творечкиот пат на Емилија Тодорова, која своето потекло го носи од Скопје, а од 1989 година живее и создава во Сиднеј, Австралија. Тодорова, која е активна во поетските кругови и на македонски и на англиски јазик, добитничка е на бројни награди и признанија како во Македонија, така и на меѓународно ниво, вклучително и Орден за општествени заслуги и Златен медал за унапредување на мултикултурните односи во Австралија.


Поетската вечер мина во знакот на силни емоции, длабоки мисли и извонредни поетски слики. Публиката уживаше во читањето на песни кои го опсервираат женскиот сензибилитет, егзистенцијалните и филозофските прашања, како и искуството на миграцијата, теми што доминираат во творештвото на Тодорова. Особено беа истакнати нејзините песни кои се осврнуваат на концептот на болката кај Шопенхауер и Ниче, со што нејзината поезија добива и длабок психолошки и интелектуален слој.
Вечерта ја модерираше Искра Пенева, која со многу суптилност и чувство успеа да ги приближи песните и личноста на Тодорова до присутните. Атмосферата беше топла, интимна и инспиративна, а присутните ја напуштија салата збогатени со едно автентично поетско доживување.


Настапија и најмладите – Катја Василева поетеса која има само 9 години, со нејзината песна „Дете“ со која што го освои второто место на „Поетски средби“, а нејзиниот хаику беше објавен во специјална збирка. Таа е членка на културни центри и секојдневно ги развива духовните вредности. Ансамблот ,,Версус” сочинет од најмладите виолинисти во класата на Ана Илијоска Богиќ, го збогатија и овој настан со своите креативни изведби.
Со овој настан, Здружението „Македониум“ уште еднаш ја потврди својата посветеност во промоцијата на македонската култура и литература во Србија, создавајќи простор за поврзување, препознавање и зачувување на македонскиот културен идентитет.

Катја Василев
Катја Василев од Белград има само 9 години, но нејзиниот талент веќе го забележаа и принцот и принцезата Караѓорѓевиќ! На 14 декември, Катја ќе ја промовира својата прва книга „Децата на светот“, исполнета со пораки за мир, љубов и пријателство.
Прекрасната љубовна приказна на нејзините родители, Србинка и Македонец, е крунисана со неа – талентирано дете кое учи, пишува, свири клавир и пее во црковен хор. Нејзините стихови ги воодушевиле публиките во Народното собрание, Палатата Србија и на натпревари низ Србија.
Катја добива признанија и награди – нејзината песна „Дете“ освои второ место на „Поетски средби“, а нејзиниот хаику беше објавен во специјална збирка. Таа е членка на културни центри и секојдневно ги развива духовните вредности.
Најважно: Катја донираше 20 книги на „Денови на македонска култура“ во Белград, а приходот ќе оди за семејствата на повредените од Кочани, кои што се лекуваат во Белград! Таа е најмлад писател во Србија и гордо ја носи својата македонска националност!