Вести

Поглаварите на македонската и српската црква заедно во Ниш

На 13 октомври оваа година граѓаните на царскиот град Ниш, ги дочекаа Неговата Светост
Патријархот на Српската православна црква г. Порфирије и Неговото Блаженство
Архиепископот Охридски и Македонски на Македонската православна црква г. Стефан.
Дочекот беше организиран во портата на Соборниот Храм во Ниш организиран од домаќинот,
Митрополитот Нишки г. Арсеније, во придружба на нишкото свештенство и монаштво. Во
придружба на Ариепископот Стефан беа преспанско-пелагонискиот Митрополит г. Петар,
дебарско-кичевскиот Митрополит г. Тимотеј, Епископот хераклејски г. Климент, со своите
свештенства.

На свечениот дочек учествуваа и градските власти на Ниш предводени од градоначалникот
Драгослав Павловиќ со своите соработници, Генерал потполковникот Милосав Симовиќ,
командантот на копнените сили на Република Србија со своите соработници, делегацијата на
македонската заедница предводена од председателот на одборот за соработка со Македонија
и дијаспората на Македонскиот национален совет Благоје Илијевски заедно со секретарот на
Македонското здружение Вардар од Ниш Борче Вељановски, други поканети гости и голем
број граѓани од Ниш и околината.


По свечениот дочек на високите гости во Нишкиот Храм се одржа свечениот чин доксологија,
кој го служеше архимандритот Серафим, игуман на манастирот Суково. Доксологија е кратка
молитва или химан кој се користи во православните литургии како израз на благодарност и
пофалби кон Бога и ги потсетува верниците за важноста на славата Божја, која ја зајакнува
духовната заедница и ја зајакнува верата.

Во своето обраќање архиепископот г. Стефан изрази големо задоволство и радост што е присутен на оваа свечана литургија и ги потсети сите присутни дека ова не е негов прв престој во Ниш и дека бил на служење на воениот рок во Ниш во далечната 1982 година. По завршената литургија Митрополитот Арсеније приреди свечен прием во просториите на епархискиот дом во Ниш, како за верските достојници, така и за делегациите кои учествуваа во свечениот дочек.

После претставувањето на гостите кои присуствуваа на приемот се водеа општи разговори, за работата на градските, воените и другите институции на градот Ниш.

Членот на Македонскиот национален совет Благоје Илијевски го искористи моментот да му
врачи подарок на Архиепископот Стефан од македонската заедница како спомен за неговата
посета на Ниш. После предавањето на подарокот Илијевски ги запозна присутните гости со
работата на Националниот совет во областите на образованието, информирањето, културата и
службената употреба на јазикот и писмото, а во продолжение и со работата на македонското
здружение Вардар од Ниш. После приемот беше организиран свечен ручек за делегациите
каде во опуштена атмосфера се водеа доста неформални разговори. Се запеа и по некоја
македонска и српска песна, а најголем впечаток остави Митрополитот преспанско-пелагониски
г. Петар кој со својот милозвучен и продорен глас ја отпеа песната „1762 лето“ чии стихови ги
напишал Григор Прличев познати како „Песна за Патрикот“. На оние кои не го разбраа
македонскиот текст на песната им беше објаснето дека се работи за укинувањето на
Охридската архиепископија од страна на турските власти во 1762 година.


Утредента на 14 октомври на празникот Покров на Пресвета Богородица, одбележувањето
беше продолжено во Богородичниот манастир во Ѓунис, каде се очекуваше врвот на посетата
на Нишката Епархија. Овој Манастир е многу важен за односот помеѓу Српската и
Македонската православна црква, затоа што во овој манастир пред две години се водени
успешните преговори за помирување и обнова на канонското единство, после кое дојде до
признавање на афтокефалноста на Македонската православна црква. Манастирот и околината
на манастирот беше преполн со граѓани од разни краеви на Република Србија, кои свечано ги дочекаа делегациите на Српската и Македонската православна црква, предводени од
патријархот г. Порфирије и Архиепископот г. Стефан, кои одржаа заедничка Света архиеријска
литургија. После беседата на Патријархот Порфирије, сечењето на славскиот колач и славските
дарувања, беше завршено духовното одбележување на овој значаен верски и во исто време
световен празник за македонскиот и српскиот народ.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button