ВестиКултураМакедонци во светотОбразование

Петнаесет години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека со над 2000 студенти

Значаен јубилеј за македонистиката – петнаесет години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска. Токму на овој лекторат, во текот на првите децении на XXI век, најголем број студенти посветено ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, надвор од нашата држава. Од 2008 година до крајот на академската 2021/2022 година, низ Лекторатот минаа повеќе од 2000 студенти.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), заеднички со Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека го чествува значајниот јубилеј, со заложби за натамошните перспективи за развој на македонистиката во Хрватска. Во чествувањето на јубилејот, поддршка доаѓа и од македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и од Македонското културно друштво „Илинден”.

– Петнаесет години, можеби не е многу при развојот на една универзитетска и факултетска, образовна единица. Но, ако се има предвид што сè е постигнато од Лекторатот по македонски јазик во Риека во текот на неговиот досегашен развој, бројноста и квалитетот на македонистичкиот кадар произлезен од студиите и оствареното со активностите за афирмација на македонистиката надвор од наставата, заклучокот е неспорен: постигнато е многу повеќе отколку што може и да се замисли и да се очекува за период од деценија и половина. Остварени се резултати за кои на некои универзитетски центри се потребни и неколку децении. Затоа, должни сме со чествувањето на овој јубилеј и да го валоризираме она што досега е сработено, но и да ги трасираме патеките за натамошното развивање на македонистичките студии во Риека, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа и напоменува дека овој лекторат е изграден врз темелите поставени во 1980 година, кога започнува изучувањето на македонистиката на Универзитетот во Риека, најпрво на Педагошкиот факултет. „Оттука, одбележуваме над четириеет години развој на македонистиката во Риека, од кои петнаеет години со лекторат кој е еден од најдобрите примери за афирмација на македонистиката на странски универзитетски центар”, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

– Овој лекторат е отворен во година кога светот се соочи со голема финансиска криза – 2008 година. Во период на глобална неизвесност и промени, кои не го заобиколија нашиот регион. Но со отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека се покажа дека и во такви периоди, ако се има цврста решеност, може и треба да се вложува во развојот на македонистиката, и воопшто на хуманистиката. Отворањето на овој лекторат е еден од примерите како да се одговори на предизвиците. А неговиот непрекинат развој е еден од најдобрите примери за афирмација на македонистиката на странски универзитетски центар! Не само со развојот на наставата, туку и со промоцијата на македонистиката пошироко во странската културна средина, напоменува Мојсова-Чепишевска.

Во Риека, македонистиката започнува да се изучува во 1980 година, кога по препорака на тогашниот раководител на студиите по македонски јазик и литература на Универзитетот во Загреб, проф. Петар Кепески, за предавач по македонистичките предмети на Педагошкиот факултет во Риека е избран проф. Горан Калоѓера. Во текот на првите две години од воведувањето на студиите, наставата по македонски јазик ја остварувал проф. Борислав Павловски, додека предметите кои се однесувале на македонската литература и култура ги предавал проф. Калоѓера, кој потоа, во целост ги води македонистичките студии. Забрзаниот развој на македонистиката во Риека се случува со отворањето на Лекторатот, кое следи само десет години по основањето на тамошниот Филозофски факултет. Иницијативата за отворање на Лекторатот ја покрена акад. Горан Калоѓера, со заложби и на тогашниот ректор на Универзитетот во Риека, проф. д-р Перо Лучин и на проф. д-р Данијел Рукавина, а се оствари со заложби и на УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ, на македонската држава и на нејзината дипломатија. Прв лектор по македонски јазик во Риека беше проф. д-р Васил Тоциновски, а по неговите стапки продолжија м-р Ана Азеска и актуелната лекторка – м-р Биљана Стојановска.

– Но, постигнатото во изминатите петнаесет години не треба да нè успокои дека сме направиле доволно, туку треба да нè поттикне заедно со хрватските колеги да оствариме уште толку и многу повеќе. Да оствариме влог во она што ќе биде стварност за македонистиката во Риека во следните неколку децении – во времето по нас! Да создадеме уште услови за следните генерации да можат да продолжат со развојот на македонистиката со темпо како она во изминативе петнаесет години во Риека. И убедена сум, при чествувањето на јубилејот, заеднички веќе ќе го иницираме и сето она што треба да се случи во времето пред нас – за македонистиката, ама и за развивањето на македонско-хрватските културни врски кои станаа уште посилни токму заради остварувањето на дејноста на Лекторатот по македонски јазик во Риека, порачува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска.

Петнаесетте години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека ќе се чествуваат со низа свечености и активности на тамошниот Филозофски факултет, неделава – на 10 и 11 мај. Овој јубилеј се надоврзува и на уште два други јубилеја – 25 години од Филозофскиот факултет и 50 години од основањето на Универзитетот во Риека.

Инаку, Хрватска е една од земјите во кои на високообразовните институции, македонистиката постојано се развива. Покрај на Универзитетот во Риека, македонистиката повеќе од пет децении, непрекинато се развива и на Универзитетот во Загреб, каде во последниов период, со неа раководи проф. д-р Ивица Баковиќ и која се развиваше и се развива под палката на проф. д-р Борислав Павловски и проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, како и на Универзитетот во Осиек, каде особен влог има остварено акад. Златко Крамариќ. Настава по македонистика е остварувана и на Универзитетот во Задар, каде влог оствари проф. д-р Августина Гулеска-Хајдиќ.

Извор
FRONTLINE

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button