Отворен Балкан: Србија и Албанија заедно со Македонија ќе имаат заедничка дигитална туристичка платформа
Министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ, по средбата во Белград со министерката за туризам и животна средина на Албанија, Мирела Фурџи, изјави дека двете земји заедно со Македонија како дел од иницијативата Отворен Балкан ќе создадат заедничка дигитална платформа на туристичка понуда на овие земји.
Министрите за туризам на Србија и Албанија најавија и создавање заеднички регионален центар за решавање на проблемот со недостигот на работна сила, како и проект поврзан со дигитализација на туристичката понуда.
- Би сакале Албанија и Македонија да ни се придружат во овој проект, со цел да имаме заедничка дигитална платформа во рамките на иницијативата Отворен Балкан. Таа додаде дека ова е наш прв оперативен состанок по потпишувањето на меморандумот за соработка во областа на туризмот во Охрид, на кој договоривме конкретни чекори за понатамошна соработка – порача Матиќ.
Матиќ на прес-конференција по средбата посочи дека таа и нејзината колешка од Албанија разговарале и за подобрување на соработката и заеднички настап на трети пазари, особено кога станува збор за туристичката понуда за Кина и другите азиски земји. Taa истакна и дека „Ер Србија“ планира до крајот на годината да воспостави директни летови до Кина и дека заедничкиот настап на овие пазари значително ќе го зголеми бројот на странски туристи.
Матиќ и Фурџи се согласија дека регионалната интеграција е клучна за постигнување успех, особено во туризмот и трговскиот сектор.
Министерката Фурџи изјави дека најважен економски сектор за нејзината земја е туризмот. Туристичкиот пазар останува главната оска за овој сектор да успее и да ги надминеме тешките периоди – изјави Фурџи, оценувајќи дека 2019 била најдобрата туристичка година во која во Албанија дошле околу 6,4 милиони туристи, вклучително и оние од регионот.
- Таа потсети дека во 2021 година во Албанија имало 5,6 милиони туристи, од кои значителен дел биле од Србија и дека од 2019 до 2021 година бројот на српски туристи во Албанија е зголемен за 110 отсто. Ова е резултат на подобра комуникација во рамките на Отворениот Балкан, што создава дух на комуникација што е неопходен – изјави Фурџи.
Таа во текот на денот ќе учествува на конференцијата „Нови идеи за нови времиња“ која претставува чекор поблиску до целите на Меморандумот за разбирање за соработка во туризмот на Западен Балкан, кој беше потпишан на Самитот Отворен Балкан во Охрид.