Здружението на Македонците во Белград „Македониум“ со поддршка на Националниот Совет на македонската национална заедница во Србија, во рамките на манифестацијата Денови на македонска култура во Белград „Допир на Македонија“, организираше свечена академија – одбележување на македонскиот празник Св. Кирил и Методиј, која се одржа во Педагошкиот музеј во Белград на 24.05.2024 година.
Настанот го поздравија претседателката на Националниот совет Зорица Митровиќ и претседателката на здружението Елизабета Георгиева Јорданоски. Претседателката Митровиќ честитајќи го празникот на македонските и сесловенските просветители, се задржа на големината на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и неговата актуелност до денешен ден. Осврнувајќи се на манифестацијата „Допир на Македонија“, ја нагласи важноста од традиционалното одржување на Деновите на македонската култура во Белград и истакна дека претставува задоволство што еден ваков настан го задржа континуитетот, што воедно претставува промоција на македонската култура, но и огромен придонес во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиција и идентитет.
Со своето учество, одбележувањето на празникот го збогатија ученичките кои се дел од хорот на основното училиште Доситеј Обрадовиќ – Умка во Белград, најмладите претставници на здружението Македониум со рецитали на тема св. Кирил и Методиј, Анита Ангелевска професорка на Универзитетот Св. Климент Охридски со предавање на тема: Кирилометодиевистика – траење низ вековите, Ангел Василковски со предавање на тема: Просветителство на св. Кирил и Методиј како par excellence рамноапостолство, како и музички изведби на македонски народни песни од страна на ансамблот Македониум.
Манифестацијата започна со минута молчење за неодамна починатиот претседател на Македонскиот национален совет Борче Величковски, кому ќе му бидат посветени целокупните активности и настани во рамките на Деновите на македонската култура во Белград.
На одбележувањето беа присутни претставници на Националниот совет, македонската Амбасада во Србија, како и голем број припадници на македонската заедница во Белград.