Авторскиот филм на Роберт Јанкулоски ,,Манаки приказна во слики” прикажан е во рамките на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград.
„Овој филм е резултат на моето долгогодишно истражување на филмското творештво на браќата Манаки, го работевме водејќи се од максимата на Манаки ‘Една слика за мене, една за историјата’“, истакна Роберт Јанкулоски, пред почетокот на проекцијата.
Филмот ја прикажува фотографската работа на браќата Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, преку интересна и инвентивна сторија, „оживувајќи“ ја ерата на Манакиевци низ нивните фотографии. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии, следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и нивното подоцнежно селење во Битола.
Едно од прашањата на кое одговор се обидува да даде овој документарен филм е и на кој народ му припаѓале првите сниматели на Балканот. Заклучокот е дека тие со своето творештво се дел од повеќе култури и истории, но нивниот дом е Битола.
Нивните фотографии кои се прикажани во филмот ја воодушевија публиката на проекцијата во Конакот на кнегиња Љубица во Белград. Прво поради сликите кои покажуваат колку многу значајно место била некогаш Битола и второ, поради мајсторските фотографии на Манакиеви. Специјалност им се масовните групни фотографии и портретите. Масовните фотографии изобилуваат со голем ракурс и голема длабока острина иако на некои има и по неколку стотини луѓе, лицата им се гледаат јасно. Фотографите велат дека и со денешната техника тоа тешко можат да го постигнат.
На проекцијата присуствуваше и докторката Марија Главичиќ од Битола, членка на здружението Македониум, која што за оваа прилика донесе и една своја фотографија – портрет, направена токму од Милтон Манаки во 1960 година.