Одржана седница на Републичкиот совет за националните малцинства – можно одлагање на изборите за националните совети
Во Владата на Република Србија, оддржана е седница на Советот за национални малцинства, со која претседаваше премиерката Ана Брнабиќ, заедно со министерката за човекови и малцински права и општествен дијалог Гордана Чомиќ.
На седницата присуствуваа претставници од сите национални совети и претседателот на Заедницата на еврејските општини на Србија, како и претседавачот на Координацијата на националните совети Борче Величковски. Премиерката Ана Брнабиќ, која е и претседател на Советот, посочи неколку активности кои ќе бидат значајни во наредниот период за подобрување на работата на Националните совети на националните малцинства. Во јуни ќе заврши изработката на Акциониот план за остварување на правата на националните малцинства, што е резултат на заедничката работа на претставниците на сите национални совети и државните органи. Акциониот план за остварување на правата на националните малцинства беше поддржан од Европската Унија и Советот на Европа и тој ќе ја позиционира Србија како земја која ги почитува правата на националните малцинства.
Според премиерката, унапредувањето на човековите и малцинските права и нулта толеранција на дискриминација од секаков вид,остануваат главните цели кон кои се стреми Србија.
Кога станува збор за Буџетскиот фонд за националните малцинства, тој и за оваа година изнесува 30 милиони динари, а приоритетна област е културата. Целта на конкурсот ќе биде подобрување и зајакнување на културниот и јазичниот идентитет на националните малцинства во Република Србија.
На седницата се разговараше и за изборите за националните совети на националните малцинства, кои се планирани во истиот период со Пописот на населението во Србија, па поради тоа претставниците на националните совети истакнаа дека сметаат дека би било добро тие избори да се одложат и таков предлог поднесоа до премиерката.