Одбележување на Илинден во Ниш
По повод Илинден – најголемиот национален празник на Македонците, кога се слават Илинден 1903 и Илинден 1944, првиот со Крушевската Република како прва Република на Балканот и вториот со АСНОМ кога во рамки на Федерална Југославија се прогласува Македонија како држава на Македонскиот народ, беше организиран прием од страна на македонското здружение Вардар од Ниш. Како и секогаш во минатите 17 години на 01 август во пресрет на празникот, Вардар од Ниш го организира традиционалниот прием.
Од година во година како расте здружението така и приемот станува се позначајна манифестација во рамки на градот Ниш. Приемот се организира за сите соработници на здружението, кои во минатите години го покажале интересот за соработка на сите полиња: култура, образование, информирање и општествен живот. Оваа 2024 година на приемот како гости присуствуваа и сеуште актуелната градоначалничка на Ниш, но и кандидатот за иден градоначалник на Ниш кој е во постапка на избор, со своите соработници.
Истовремено, драги гости кои го удостоија здружението и присуствуваа на приемот се претставниците на Македонскиот национален совет, председателката Зорица Митровиќ, секретарот Марјан Јованоски и директорот на НИУ МИИЦ Озрен Симјаноски, претставниците на четирите нишки градски општини, Медијана, Панталеј, Палилула и Црвени Крст, претставници на образовните институции, војската на Србија, хуманитарни организации, дописниците на сите локални електронски и штампани медиуми, многу бројни здруженија со кои здружението Вардар има тесна соработка, како и членовите и голем број симпатизери на здружението.
Здружението Вардар од Ниш по повод Илинден, во името на успешната соработка и значајната институционална поддршка, додели благодарници до Националниот совет на МНЗ во Србија и градската управа на градот Ниш.
На крај важно е да се нагласи дека сите овие досега организирани приеми низ годините не би можело здружението вака успешно да ги реализира без поддршка на дел од членовите на здружението, а посебна благодарност беше упатена до дамите, госпоѓите, другарките и членките на здружението, кои несебично даваат се од себе за што поуспешен и незаборавен прием.