ВестиИнформирање

Одбележан Денот на Македонскиот национален совет во Нови Сад

Македонскиот национален совет свечено ја одбележа 21-годишнината од своето основање со настан што се одржа во просториите на Архивот на Војводина, организиран во соработка со Новинско-издавачката установа „Македонски информативен и издавачки центар“ (НИУ МИИЦ). Овој значаен јубилеј претставуваше можност да се направи осврт на повеќедецениската работа и придонесот на Советот во унапредувањето и заштитата на правата на македонската национална заедница во Република Србија.

На свеченоста се обратија потпретседателот на Покраинската влада Томислав Жигманов, помошник-министерот за информисање и телекомуникации Драган Трапариќ, претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ и директорот на НИУ МИИЦ Озрен Симјановски. Во своите обраќања, говорниците ја нагласија важната улога што Македонскиот национален совет ја има во зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и национален идентитет, како и неговата улога како клучен партнер на институциите во процесот на остварување и унапредување на малцинските права.

Посебен акцент беше ставен на значењето од континуирана институционална поддршка, соработка и дијалог меѓу националните совети и државните и покраинските органи, со цел создавање поволна средина за културен, образовен и информативен развој на македонската заедница. Беше истакнато дека досегашните резултати се плод на заедничка работа, посветеност и визија за иднината.

Свечениот настан беше дополнително збогатен со промоцијата на книгата „Патот до пеколот“ од авторот Боривоје Живаљевиќ, која предизвика интерес кај присутните и отвори простор за разговор за современите општествени и културни теми. Во рамки на програмата беше отворена и тематската изложба „20 години на Националниот совет“, организирана од НИУ МИИЦ, која преку фотографии, документи и архивски материјали го прикажа развојниот пат, активностите и најзначајните достигнувања на Советот низ изминатите две децении.

Одбележувањето на 21-годишнината помина во дух на заедништво, почит и благодарност кон сите поединци и институции кои со својата работа и поддршка придонеле за зајакнување на македонската заедница, со јасна порака дека Македонскиот национален совет и понатаму ќе продолжи посветено да работи во интерес на своите граѓани и на зачувување на македонскиот национален идентитет во Србија.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button