Одбележани 150 години од раѓањето на војводата Смиле Војданов во Мичиген
Под исклучително ниски температури и со почитување на мерките за претпазливост од ковид-19, денес на градските гробишта Пери Маунт Парк во градот Понтијак во сојузната држава Мичиген со пригодна свеченост беше одбележан јубилејот 150 години од раѓањето на илинденскиот војвода, член на Македонската револуционерна организација и долгогодишен деец во македонското национално движење во татковината и во иселеништвото – Смиле Војданов.
Како што нѝ објаснија двајцата претставници на здружението „Заборавени Македонци„ за Соединетите американски држави Ана Дукоска и Гоце Панговски, одбележувањето на јубилејот “150 години од раѓањето на Смиле Војданов” претставува „заокружување на уште еден сегмент од патриотскиот долг кон храбрите и непоколебливи синови на Македонија кои целиот свој живот го посветија на делото за создавање на македонска независна држава. Во услови кога државата не дава сигнали на грижа за културно-историскиот континуитет на генерациите кои се вградија во создавањето на државата Македонија, наша должност е да го одбележиме секој македонски син и деец“ – нѝ рекоа претставниците на здружението.
„Ако Македонците овде во САД сакаат автентично да го прикажат ликот и делото на големиот македонски деец Смиле Војданов тогаш не постои подобро место и не постои подобра паралела, а можеби и пророчка коинциденција, освен онаа со Обвандијак односно Понтијак, индијанскиот поглавица на племето Отава по кој овој град го носи името. Поглавицата Понтијак беше водач и бранител на својата земја во големото и неуспешно востание од 1763 година, исто онака како што Смиле Војданов век и половина подоцна учествуваше во едно исто така неуспешно, но многу храбро и историско, македонско Илинденско востание од 1903 година за ослободување на Македонија. За жал, на Смиле Војданов не му било судено гробот да му биде во Македонија, земјата во која се роди и за која се бореше. Тој е тука во САД, неговата втора татковина, кадешто почива во мир, и мошне заслужената почит” – истакна Дукоска.
Нашиот сонародник и гласноговорник за правата на Македонците Гоце Панговски, кој помина 4000 км да дојде до Понтијак, можеби е најдобриот пример за вистинскиот жар кој тлее кај Македонците во оддавање почит кон вистинските борци како што беше Смиле Војданов. Панговски имаше пригодно излагање за животот и делото на војводата Војданов чијашто судбина ја доживеа и оваа наша генерација, да продолжат да се борат за татковината на оној својствен начин на кој тоа го правеше и нивниот сонародник Смиле Војданов.
Сведоштвото за Смилета Војданов низ солзи нѝ го пренесе 87-годишниот Даниел Војданов, внукот на Смиле Војданов од неговиот најстар син Аврам, за тоа како неговиот дедо бил еден мошне мил човек, којшто секогаш имал време и благ збор за неговите внуци и за тоа како на прошетка по улиците на градот Понтијак, држејќи го за рака својот дедо Смиле, живо се сеќава дека сите луѓе, без разлика на нивното потекло или етничка припадност застанувале и го поздравувале што е јасен показател за каков човек станува збор. Затоа сите негови потомци се среќни што имале таков предок, а Даниел со гордост потенцира дека неговото средно име е Смиле, односно во полна форма тој е Даниел Смиле Војданов.