Нови вредни археолошки пронајдоци востарото јадро на Охрид
Археолошки истражувања на локација во чија близина е во план да се гради куќа
во стариот дел на Охрид открија вредно археолошко богатство. Станува збор
за монументален сакрален објект од раното христијанство, декориран со мозаични
подови и полихромно фрескосликарство. Археолозите велат дека постои можност овој
објект да бил поврзан со блиската ранохристијанска базилика „Манчевци“, но во
моментов тоа не може со сигурност да се потврди. Локацијата е привремено
заштитена и сите понатаможни градежни зафати се сопрени. Но, неопходни се
дополнителни истражувања и во околината, бидејќи според познавачите на теренот,
може слободно да се каже дека под секој камен во старото јадро на Охрид се крие некое
вредно археолошко богатство.
Истражувањата на парцелата каде е во план да се гради куќа во стариото јадро на
Охрид започнале и завршиле во текот на минатата година. Извештај за тоа што е
пронајдено на локацијата веќе е поднесен до Управата за заштита на културното
наследство.
Од Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј –
Охрид“ за ДВ споделуваат дел од деталите за она што е пронајдено на локацијата.
„Со овие истражувања откриен беше монументален сакрален објект од раното
христијанство, декориран со мозаични подови и полихромно фрескосликарство. Постои
можност овој објект да бил во директна комуникација со блиската ранохристијанска
базилика „Манчевци“, но во моменталниот степен на истраженост тоа не може со
сигурност да се потврди“, велат надлежните од Завод и Музеј Охрид.
Според археолозите, истражувањата во иднина би требало да се насочат на просторот
јужно и источно од катастарската парцела.
Од невладината организација Охрид SOS неодамна предупредија дека се прави терен
за градба над археолошки остатоци во стариот дел на градот, токму на парцелата
веднаш до ранохристијанската базилика на локалитетот „Манчевци“, каде се
вршени археолошките истражувања. Тука е поставена и табла со известување за нов
станбен објект.
„На угорницата по ‘Илинденска’, веднаш до ранохристијанската базилика на
локалитетот ‘Манчевци’ изминатиов период се вршат археолошки истражувања, на
парцела на која имаше табла дека треба да се изгради станбен објект. Според
фотографиите, откриено е доста, во само еден сегмент од парцелата. Уште еден слој на
културно наследство“, наведоа од Охрид SOS.