Никола Ристановски за улогата на д-р Томас Стокман во претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен доби награда за најдобра машка улога на фестивалот „Нов тврдина театар“ во Нови Сад.
Претставата, во режија на Нина Николиќ и продукција на Македонскиот народен театар, на 1 септември го отвори деветтото издание на овој театарски фестивал, кој се одржа на сцената на Српско народно позориште во Нови Сад.
Одлуката за наградата за Ристановски едногласно ја донесе жири во состав Ласло Блашковиќ (претседател), Јована Балашевиќ и Ивана Ѓуриќ-Пауновиќ (членови).
– Веќе 30 години, Ристановски успешно ја гради кариерата во сопствената земја, но и надвор од нејзините граници. Во неговата возбудлива кариера остварил огромен број театарски, филмски и телевизиски улоги. Тој е воедно и најтрофејниот актер во историјата на македонскиот театар, соопшти Македонскиот народен театар.
Во официјалната програма на 9. „Нов тврдина театар“ учествуваа шест претстави од најголемите театарски куќи од регионот, а во чест на наградените вчеравечер се одигра претставата „Љубов и вина“ во режија на Вида Огњеновиќ, уметнички директор на фестивалот.
Претставата на МНТ „Народен непријател“ на 5 ноември ќе гостува и во Италија.