Запознавање

Не се штедам!

Интервју со Елисавета Стојановска Ивановиќ, уредник на порталот Мак-инфо и потпретседателка на здружението ,,Македониум” од Белград

Љубезна домаќинка на сите настани и манифестации, кои ги подготвува до најситни детали со многу ентузијазам и посветеност. Енергична, креативна, позитивна. Солидарна и секогаш подготвена да помогне. Авторитет и подршка на помладите, пријател на постарите членови. Бети.

Нејзината приказна почнува во подножјето на една од најубавите планини во Македонија, во мултиетничкиот град Тетово, со кој ја врзуваат безбрижното детство, незаборавните лета помиинати во освојувањето на прекрасните предели на Шара, чатмите на брзата студена Пена, семејните излети крај Вардар.

  • Во Тетово ги поминав и тинејџерските години трагајќи за својот идентитет во град со две кина, една библиотека и тогаш највозбудливото место на социјален и општествен живот – корзото. Вљубена во Битлси и Елвис Присли и редовен слушател на радио Луксембург станав член на првата женска поп група во Тетово ‘’Happy girls.’’

Силно влијание врз формирањето и поттикнувањето на нејзиниот талент и стил на пишување имаше професорот по македонски јазик и литература Ацо Костовски во тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ.

  • За мојата определба да студирам новинарство, пресудна беше средбата со уредничката на Detroit news за време на мојот едногодишен престој во САД каде што како најдобар ученик бев испратена да ја завршам 4-тата година гимназија. Таа година 1972 – 73 помината во едно прекрасно американско семејство, за која ме врзуваат неповторливи искуства и доживувања ја чувам како најубав бисер во моите спомени.

Од Тетово, преку Редфорд во Мичиген, стигна и остана во Белград.

  • Во главниот град на тогашната голема Југославија ме донесе одлуката да бидам новинар, а тогаш идол ми беше легендарната италијанска новинарка Орјана Фалачо. Моите соништа и фантазии за новинарството како една возбудлива, динамична професија која го негува слободниот дух да истражува и новите сознанија ги пренесува на своите читатели, слушатели или гледачи  се распрснаа како балончиња од сапуница на првото предавање кај легендарниот професор по новинарство на Факултетот на политички науки Сергеј Лукач. Се уште ми одзвонува неговата прва реченица: ,,Новинарството е проститутка на политиката.’’ Сепак, овој новинарски бард остави големи траги врз моето професионално формирање и се гордеам што сум еден од неговите студенти.

Првото работно искуство како дипломиран журналист го стекнуваше како уредник на фабричкиот весник Мерџан, со оглед дека беше стипендист на прочуената текстилна фабрика Тетекс. Како новинар се изгради и оствари во Радио телевизија Скопје, чиј дописник од Белград е од далечната 1980 година.

  • Како дописник на тогашната Радио телевизија Скопје променив неколку држави. Најпрво бев дописник на СФРЈ, па на СРЈ потоа од Србија и Црна Гора  и последно дописник од Србија. Во текот на моето новинарско искуство имаше многу предизвици, но најголемиот предизвик беше во режимот на Милошевиќ кога во државата владееше анархија, изолација, па потоа и бомбардирањето. Сето тоа и како професионалец и како човек со своето семејство го преживував.

По завршувањето на тие турбулетни 90ти години, како Македонка и интелектуалка, мајка не три веќе возрасни деца, посака да се ангажира и во организирањето на македонското национално малцинство во Србија. Со оглед на професијата и богатото работно искуство си постави нови предизвици, на кои им одговори со голем успех.

  • Моето активно вклучување во оваа полза беше во 2006 година кога тогашниот претседател на Националниот совет Јово Радевски и претседателот на Извршниот одбор Борче Величковски  ме известија дека постојат услови на телевизија Панчево да се направи емисија на македонски јазик и  ме замолија да помогнам. Со уредништвото на ТВ Панчево направивме концепт на получасовната емисија и на 16 јуни 2006 година тргна првата емисија на македонски јазик Банатско сонце, која еве и ден денес се емитува. Веднаш потоа аплициравме со проект и во телевизијата Нови Сад. Заедно со Васка Черговска, која таму работеше, успеавме да направиме и една екипа така што првата експериментална емисија одеше веднаш по 2 август 2006, а официјално Македонско сонце почна да се емитува од 17 декември 2006. И таа емисија сеуште се емитува, како и емисијата на радио Нови Сад, кои им ги препуштив на помладите. Во секретаријатот за информирање на АП Војводина конкуриравме и со проект да добиеме средства за излегување на информативно гласило на македонски јазик по повод одбележувањето на 60 годишнината од организираното доселување на Македонците во Јужен Банат. Добивме средства и заедно со првиот главен и одговорен уредник академикот Ристо Василевски и тогашните соработници  го направивме првиот број на Македонска виделина. Тоа се некои мои ангажмани и дострели кои ќе останат зад мене, ако ништо повеќе тогаш барем во доменот на мојата професија.
На промоцијата на првата емисија ,,Македонско сонце” на РТВ Војводина, редакцијата со тогашниот амбасадор Виктор Димовски
Инсерт од емисијата ,,Банатско сонце” на РТВ Панчево

Организирањето на Македонците во тоа време успешно се реализираше во цела Србија, но не и во Белград, каде што ги има најмногу. Нов предизвик за Елисавета.

  • Сфативме дека единственото тогашно здружение во Белград ,,Кочо Рацин” што го води нашата роднокрајка Лидија нема одѕив меѓу Македонците, нема енергија,  проекти, едноставно нема поддршка. Тогаш заедно со Душица Илин, Станимир Бакрачевски, Лазо Апостоловски, Виктор Шекеровски, Снежана Апостоловска и уште неколкумина  направивме ново здружение. И така се роди Македониум. На првата конститутивна седница 2008 година во Домот на културата Вук Караџиќ навистина беше прекрасно, салата беше полна, имавме и прекрасна културно уметничка програма, имавме многу идеи и ентузијазам. Така е и денес. За сите овие години успеавме Македониум да го поставиме како една цивилна, невладина организација која се обидува преку културата да ги зближува луѓето, да ги избрише бариерите, а воедно да ја афирмира македонската култура и традиција, да го афирмира македонскиот јазик со оглед на тоа дека Белград е еден конгломерат од разни нации. Многу е тешко кога се наоѓате во една таква голема конкуренција да успеете, да се наметнете со некој свој профил, со некој свој производ кој ќе има подршка. Доаѓаат тешки времиња, проектите е се понеизвесно како ќе се реализираат, но сметам дека во Македониум во моментов имаме едно здраво и добро јадро кое има енергија, креативност, добри идеи и не се штеди себе си и мислам дека ќе ги издржи сите предизвици.

Проектите на Македониум, пред се традиционалниот и препознатливиот Денови на македонската култура во Белград ,,Допир на Македонија’’ ги подржуваат Министерството за надворешни работи на Р.Македонија, Министерството за култура на Р.Србија и Националниот совет, а од година до година се е поголем списокот на донаторите, соработниците, пријателите и членовите на здружението.

  • Мојот ангажман во Македониум јас пред се го доживувам како хоби. Некој има хоби да планинари, да собира предмети. А моето е да се дружам барем еднаш неделно  со луѓе кои ги сакам,  со кои сме на иста бранова должина, имаме слични идеи, слични потреби, работиме за исти цели. Така го доживувам и мојот ангажман во уредувањето на веб сајтот Мак Инфо, најнов проект на Здружението на македонски новинари во Србија. Живееме во дигитална ера која бара и поинаков пристап кон информриањето. Во проектот се вклучени млади образовани луѓе, кои имаат желба, идеи и енергија да го развијат и унапредат овој дигитален медиум на македонската заедница во Србија. Тоа е тим кој што сложно и ефикасно  работи и сигурна сум дека ке постигне успешни резултати.
Формирање на редакцијата МАК-ИНФО

Иако веќе 2 години е во заслужена пензија, Елисавета со својата активност им дава пример на сите како и колку одговорно може да се ангажира и да се биде посветен на една волонтерска, креативна работа како припадник на македонската зааедница во Србија.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button