Запознавање

НЕРАСКИНЛИВА ВРСКА СО МАКЕДОНИЈА

Интервју со Димитар Влахов, син на Густав и внук на Димитар Влахов

Димитар Влахов беше една од најинтересните и најзначајните личности во првата половина на 20 век во македонската современа историја. Македонски деец, револуционер, публицист, историчар и политичар, човек на двата Илиндена. Од солунскиот централен комитет до потпретседател  на президијумот на АВНОЈ при формирањето на Југословенската федерација. Тоа е човек што одеше со развитокот на македонската политичка и национална свест и кој уште во своето семејство и во својот роден град Кукуш се воспитуваше во револуционерен дух.

Овие свои уверувања ги пренесе и на својот син Густав Влахов, кој исто така рано се вклучи во револуционерното движење. Тој учествуваше во редовите на Црвената армија при одбраната на Москва, вршејќи разни одговорни воени должности. По ослободувањето врши одговорни должности во Македонија и во федералните органи на СФРЈ. Беше и југословенски амбасадор во Пакистан, Костарика, Мексико, Хондурас, Панама и Австрија.  

Во текот на целата своја политичка и општествена активност Димитар Влахов и остана верен на една цел – борба за националното и социјално ослободување на македонскиот народ и меѓународно признавање на македонската нација.  Доследен во борбата против големобугарските, големосрпските и големогрчките аспирации, тој беше длабоко уверен дека само револуцијата и социјализмот можат на македонскиот народ да му донесат слобода, обединување и независност и чесно суверено место меѓу балканските народи.

Димитар Влахов

Неговиот син Димитар Влахов е роден во Москва, а од 1946. година целото семејство Влахови живеат во Белград.

Димитар Влахов е денес активен член на здружението Македониум во Белград и редовен читател на списанието Македонска виделина. Истакнува и дека се гордее со тоа што сеуште е полноправен граѓанин на Република Македонија и има живеалиште во град Охрид, каде што престојува секоја година. Членовите на Македониум често по пат на меил ги известува за занимливостите и настаните кои што ги воочува во својата околина, а се поврзани со Македонците и Македонија. Пишува и зборува на македонски јазик, кој што го научил сам, во семејството.

  • Најголемото влијание на мојот живот имаше секако дедо ми чие што име го носам. Тој практично ме водеше низ животот, ме подржуваше секогаш од детството, како и после во школувањето. Тој беше професор по физика во Солунската гимназија и по образование дипломиран физичар, но неговите преокупации беа насочени кон борбата за признавање на македонскиот национален идентитет и сите негови елементи. Таа негова генерација на нашите револуционери навистина имаше голем, светски успех и Македонците официјално беа признаени како народ и нација уште пред Првата светска војна.  Така да она најважното што нас, како на неговите потомци ни остана од него, што го наследи мојот татко, потоа јас и сега мојот син е таа нераскинлива врска што ја имаме со Македонија, како и хармонијата и складот кои ги одржуваме во семејството. Благодарение на тоа можам да кажам дека поминав еден интересен и добро организиран живот.
Димитар и Густав Влахов

Во Белград заврши средно училиште и Економски факултет насока за меѓународни економски односи. Својот работен век го помина во белградските претпријатија, а еден мандат од четири години беше и економски советник во Амбасадата на СФРЈ во Федералната Република Нигерија во Лагос. Иако практично цел живот го помина вон границите на Македонија, Димитар Влахов секогаш ја следеше состојбата во Македонија и се чувствуваше како дел од неа. Така е и денес, кога ги следи последните настани за кои смета дека се погрешни и водат кон уништување на македонската држава, а пред се нација.

  • Со спогодбата меѓу Република Македонија и Република Грција за новото име „Република Северна Македонија’’ ќе се случи бришење на македонската нација. Тоа го поткрепувам со следните факти: Окупација во септември 1912. година на делот од Провинцијата Македонија, Солунскиот Санџакат, во тогашната Отоманската империја;  потоа потврдување на окупацијата во рамките на Букурешкиот мир во 1913. година; потврдување на состојбата со Парискиот мировен договор во 1946. година. Во 1993. година беше потпишана Спогодбата меѓу Сојузната Република Југославија и Република Грција, се сеќавате на спогодбата помеѓу Константин Мицотакис и Слободан Милошевиќ за напад на Република Македонија и поделбата меѓу Србија и Грција. Под притисок на САД, Обединето кралство и Руската Федерација таа спогодба беше моментално уништена, претседателот на Република Грција Константин Караманлис го искина текстот на спогодбата пред да влезе во парламентарната процедура. И конечно сега, со името „Северна Македонија’’ и со името Македонија „за северната грчка провинција,’’ Грците ги имаат сите основи да бараат обединување на „Северна Македонија’’ кон својата основа ,,Македонија’’ и со тоа да биде под нивна – грчка власт. Она за што се бореше мојот дедо и неговата славна генерација пред повеќе од 100 години некој сега ќе го поништи. Жално, но така е.

Димитар Влахов исто така ги следи и дневно политичките состојби помеѓу Македонија и Србија.

  • Тука имаме две паралели. Официјалната Србија жали бидејќи ја признала Македонија под уставното име. Народот во Србија јужно од Ниш е голем пријател на Македонија и македонскиот народ. Интелектуалните кругови, жители во Белград и некои други места, политичката елита уште имаат империјалистички претензии кон Македонија, ама со тек на времето тие претензии се намалуваат. Благодарејќи им на националните малцинства, српското во Македонија и особено македонското во Србија, имаме нагорно движење во соработката, односите и намалување на империјалистичките и национал-шовинистичките пројави значително се намалуваат и се сме поблиски и рамноправни како народи.
Димитар Влахов (внукот)

Посебно се гордее што и самиот како член на здружението Македониум во Белград и припадник на македонската заедница во Србија го дава тој придонес

  • Работата на Македониум е мошне позитивна. Мојата желба е да во иднина се подмлади раководството и да се спорведе попис во белградските општини, па да се види колку жители во Белград има што се по националност Македонци и кои имаат македонските корени. Што се однесува до македонската заедница во Србија, таа е мошне активна и за секоја пофалба. Нема крај во Србија, во кој да нема наше здружение. Моја желба е да се продолжи и понатаму со активен пристап кон проблематиката на македонската заедница. Тоа одлично го следи и Македонска виделина, за која што знам дека се чита и вон границите на Балканот.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button