Вести

Незаборавно испраќање на кралот Лазаров

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кире Лазаров на спектакуларен начин се збогува со навивачите на Нант, Французите му приредија кралско испраќање.

Му донесоа кралски стол, а Кире Лазаров со круна седна на него. Навивачите со стоечки овации го поздравија кралот Кирил, а соиграчите му направија шпалир.

На дуелот со Тулуз трибините се исполнети до последно место, за достојно да се испрати македонскиот ас во заслужена пензија. 

За викенд следи финалето на Купот меѓу ПСЖ и Нант, што ќе биде последен натпревар во сезоната и последен натпревар во кариерата на Лазаров, пред да ја раздолжи клупската опрема и целосно да се насочи кон работата на селекторското столче на својата земја. 

Лазаров доби пораки од цел свет, а меѓу нив се и тие од Македонската ракометна федерација (РФМ) и Европската ракометна федерација (ЕХФ).

„Ти благодариме за севкупниот ГОЛЕМ придонес во македонскиот ракомет и ти посакуваме поуспешна работа во понатамошната кариера“, порачаа од РФМ.

Заминувањето во пензија на еден од најголемите ракометари на сите времиња, не мина незабележано и во странските медиуми. Балканот му симна капа и му се поклони на „Кралот Кирил“ пренесувајќи ја информацијата за неговото заминување во пензија. 

Настапите на Лазаров за репрезентацијата на Македонија и во клубовите за кои играше привлекуваа огромно внимание. Балканските медиуми пренесоа разни наслови, а највпечатливи беа неколку кои велеа: 

„Заминување на легендата: Најдобриот македонски ракометар објави крај на кариерата“. 

„Живата легенда на ракометот се прости од спортот“.

„Простување на големиот Кирил Лазаров“, се дел од пораките.

Најдобриот ракометар во македонската историја ја започна кариерата во Овче Поле, а потоа беше дел од екипи како Борец, Пелистер, Загреб, Веспрем, Ал Саад, Сиудад Реал, Барселона и за крај Нант. Лазаров својата кариера ја завршува како рекордер во Лигата на шампионите со преку 1.300 погодоци и најдобар стрелец на Светските првенства со 92 гола во 2009 година. По долги години, најголемиот македонски ракометар заминвуа во легендите. 

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button