На Балканот понекогаш и невозможното станува возможно
Во тоа што многумина не веруваа, се случи. Македонската православна црква доби
благослов од Српската православна црква за автокефалност. Иако се чинеше дека
овој 55 годишен спор никогаш нема да биде решен, црковните великодостојници од
двете цркви, тивко, во манирот на христијанството, без многу политичка бука и галама,
без надворешни притисоци и медијски препукувања ја завршија работата и братски
застанаа равноправно едни покрај другите.
Кога соборот на Српската православна црква го прифати враќањето на Македонската
православна црква во канонско единство со другите православни цркви се делување
така позитивно, ама исто така се појавија и коментарите од типот „ова е игра на СПЦ“,
„ова е само враќање на МПЦ под јурисдикција на СПЦ“ и слично. Иако во
соопштението на СПЦ јасно пишуваше дека не само што се согласуваат со враќањето
на МПЦ во канонско единство, туку и дека нема да поставуваат никакви услови кон
МПЦ и нејзините барања за црквена самостојност.
И така христијански, братски, после заедничката литургија на помирување во Белград,
но и заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, ја соопштија одлуката.
Патријархот Порфириј се постави како обединител на двата православни народи на
Западниот Балкан и тоа токму така ќе биде запишано во историјата – без ниту едно
„но“.
Одлуката е единствена во актуелните регионални и меѓународни односи. Додека
светот и глобалната политика се соочуваат со воспоставување на нов меѓународен
поредок, на рушевините на стариот, за кој сеуште никој не знае како ќе изгледа, дали
ќе води кон нови помирувања или можеби војни, српскиот и македонскиот народ,
српската и македонската црква ја одржаа лекцијата – колку е лесно да се достигне
мирот, колку е едноставно да се постигне решение доколку постои волја.
И не само тоа, во тој смер се движат и политичките елити во Скопје и Белград. Иако
тоа не е својствено за политичарите на Западниот Балкан, сепак работите и
аргументите сведочат сосема нешто ново. Иницијативата на Отворен Балкан во сето
ова додатно допринесува кон обединување, политичко, економско, православно. И да
не не разберат погрешно оние теоретичарите кои имаат своеврстен страв од
обединувања битно е да им се порача – обединувањата често не се на сметка на
националните интереси, туку баш тие, денес, во современиот глобален поредок,
итекако им служат на националните интереси и во остварување на истите.
Ова е всушност една сосема нова реалност. Две држави на Западниот Балкан без
ниту еден отворен спор, ниту прашање. Се оди во смерот на соработка, почитување и
остварување на идејата за успешен, просперитетен и одржлив регион.
Можеби ова не е крај на маките со кои се соочуват граѓаните на двете држави, на
македонскиот и српскиот народ, ама секако е еден чекор во добар смер, во смер кон
тоа да се занимаваме со она што е од заеднички интерес, да се занимаваме со она
што ги мачи граѓаните, наместо со години, децении и векови да се спориме околу истите проблеми, за кои и едните и другите знаеме дека постои решение, доколку сакаме и едните и другите да го достигнеме.