Вести

Македонците во Србија го одбележаа Илинден

И оваа година, во организација на Националниот совет на Македонците во Србија и здружението Илинден од Јабука, припадниците на македонската заедница во Србија оддадоа почит на Илинден, најголемиот национален празник на Македонците каде и да живеат.

Со полагање венци и цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Јабука крај Панчево и во манастирот Прохор Пчињски, македонскиот национален совет, претставници на многубројни македонски здруженија, претставници од Министерството за малцински и човекови права, претставници на унгарскиот и полскиот национален совет и бројни припадници на македонската заедница ги одбележаа двата Илиндени.

Најголемиот македонски национален празник покрај во Јабука се чествуваше со пригодна програма и во повеќето градови каде живее бројната македонска заедница, изјави Зорица Митровиќ, претседател на Македонскиот национален совет во Србија.

-Централната манифестација е во Јабука каде е најголемата концентрација на македонската заедница. Вчера Илинден беше одбележан во Ниш, Врање, Качарево, во Белград, а централната прослава одлучивме да ја одбележиме преку соработка на МПЦ-ОА и СПЦ.

Организиравме литургија на македонски јазик во црквата Св. Пророк Илија во Јабука и ќе одржиме свечена седница на Националниот совет, изјави Митровиќ.

Според законските прописи кои ги регулираат празниците за малцинствата, 2 Август се признава како национален празник за македонското национално малцинство во Србија со можност за негово одбележување, што Македонците како право го користат.

-Илинден е најголем празник на Македонците и значаен датум на македонското малцинство во Србија и обврска на Министерството за малцински и човекови права е овој празник заеднички со своите сограѓани да се одбележи. Наша задача е да ги поттикнеме во сите активности што ги преземаат и да им помогнеме, оти богатството на едно општество и на Србија е во различноста, изјави Александар Ранѓеловиќ, помошник-министер во Министерството за човекови и малцински права на Република Србија.

На барање на македонската заедница во Србија, a со посредство и иницијатива на Националниот совет, во Јабука во православниот храм Св. Пророк Илија, се одржи првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник. Литургијата ја одржа јеромонахот Дионисиј Ботев од манастирот Беркасово во Срем со благослов од надлежните епископи на Српската православна црква (СПЦ), сремскиот епископ Василије и банатскиот епископ Никанор, како и архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

Истовремео, по повод 80-годишнината од првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, делегација на Македонскиот национален совет положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“ во присуство на претседателите на Србија и Македонија и со тоа оддадоа почит за асномците кои дадоа свој придонес и жртва за формирање на слободната македонска држава.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button