БлогВести

Македонско-бугарските односи во фокусот уште на почетокот од 2023 година

Македонската држава никако да се договори со своите бугарски соседи. Тоа е реалноста која од ден во ден станува поопасна и од онаа реалност кога македонската држава се плашеше дали Атина ќе стави вето на македонските евроатлантски интеграции зарада уставното име на државата. Во тој момент, додека спорот со Грција беше сеуште актуелен, на сите им се чинеше дека Бугарија е безопасна, дека Бугарија нема шанси да ја блокира македонската држава, дека Бугарија всушност ништо не и може на македонската држава во остварувањето на надворешно-политичките цели.

Ама, уште кога македонската држава, после решавањето на спорното прашање со Грција, стануваше полноправна членка на НАТО во Софија веќе можеа да се чујат политички тонови кои негодуваа зошто Бугарија не реагирала навремено, па испорачувајќи ги своите барања да ја блокира македонската интеграција во НАТО.

И така бидна. Не успеаа на македонскиот пат кон НАТО, ама се по реално е дека во целост го држат во заложништво македонскиот пат кон Европската унија. Иако беше потпишан договорот за добрососедство и пријателство уште во 2017 година Софија не прекинува да испорачува нови барања кон македонските власти.

Прво започнаа со обележување на датумите на раѓање или на смртта на историските јунаци кои Бугарите ги сметаат за заеднички јунаци. Потоа со ставот за заедничката историја која Бугарите сметаат дека е всушност во целост Бугарска. А денес стигнаа и до малцинските права во македонската држава, тврдејќи дека бугарското малцинство во македонската држава е предмет на различни пресии од страна на власта, институциите, медимуите, па и од обичните граѓани.

Се бара вметнување на бугарското малцинство во македонскиот устав. Се бара одобрување на зддруженија на граѓани на бугарското национално малцинство кои ги слават бугарските јунаци од историските периоди на фашизмот и нацизмом. Се бара се што е можно а заканата е едноставна – нема да напредувате кон Европската унија доколку не ги исполните нашите барања.

Така започна и 2023 година. Кога одредено лице кое се декларирал како Бугарин беше нападнат од страна на одредени лица. Софија го запали црвеното светло, тврдејќи дека нападот е инспириран на национална и етничка основа, додека пак, од другата страна, македонскиот претседател рече дека истрагата е во тек, дека сеуште не се познати мотивите за напад и дека не постои причина Бугарија да ја блокира македонската држава кон ЕУ.

Истовремено бугарската држава го смести овој македонски државјанин кој се идентификува како Бугарин во софиската држава. Велејќи дека во македонската држава тој е загрозен и дека не му е обезбеден соодветен медицински третман.

Замислите на кои ниски гранки официјална Софија ја сместува македонската држава. Држава во која барем правата на малцинските заедници се повеќе отколку остварени. Држава во која малцинските заедници можат да се видат на секое ниво на власта. Освен Бугарите, барем како вели Софија.

Ама вистината е сосема различна. Затоа што ниту во македонската држава постојат толку голем број на граѓани кои се декларираат како Бугари, ниту пак Софија не е запознаена со вистината дека всушност станува збор за граѓани кои само заради бугарскиот пасош, кој им служи како влезница за европскиот пазар на трудот, се декларираат како Бугари во бугарските институции, амабасади и конзулати со цел добивање на бугарско државјанство.

И тоа е всушност целата вистина. Која добро ја знае Скопје. Која одлично ја знае Софија. Само што балканскиот менталитет си го работи своето. Зошто да си помагаме кога можеме да си штетиме. Зошто да одиме заедно напред, кога можеме едни покрај другите да стоиме таму некаде назад. Заглавени во историјата, која можеби и не ја заслужуваме, заедно со сите нејзини јунаци.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button