БлогВестиМакедонија

Македонското сонце во политичката есен

Актуелноста за распишување на парламентарни избори во македонската држава никогаш не е надвор од фокусот. Во македонската држава изборите претставуваат единствена прилика за политичарите да ги преживеат наредните четири зими. И тоа е суштината на нештата, затоа што никој не е заинтересиран за граѓаните, тие и онака живеат лошо и сиромашно.

Истовремено младите го продложуваат трендот на емиграција кон западно-европските земји, барајќи подобри услови за живот, барајќи чаре за своите лични и егзистенцијални проблеми.

Владеачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја водат истата битка, веќе подолгу од триесет години, а тоа е како да ја освојат власта, како да формираат јака коалиција со една од победничките албански партии и како да го поделат колачот во однос на министерските и директорски фотелји, но и буџетскиот колач на македонската држава.

Така заедно со нив и приоритетната бизнис елита, која ги користи двете партии за задоволување на своите бизнис апетити. Од една страна големите бизниси ги финасираат партиските лидери, челници и функционери, додека пак од другата страна овие им се „реваншираат“ кога доаѓаат на власт, така што им дозволуваат бројни противзаконски активности, па и опростувања на долговите на данок.

И така се функционира во круг помеѓу политичката, партиската и бизнис елита во малата македонска држава. Во државата во која стратешките цели, интересот на граѓаните и народот и општеството воопшто не се во фокусот, ниту битни, туку само интересите и целите на елитата, која ја гледаме секојдневно.

Данокот повторно се зголемува. Цените растат. Инфлацијата ги јаде последните парчиња леб на македонските граѓани. Ама сето тоа е невидливо за македонската политичка елита. Власта вели дека сепак македонската држава имала најниска стапка на данок. Додека пак опозицијата воопшто и не ја коментира таа тема, тие и онака се само заинтересирани за прашањето како да се вратат на власт.

Затоа веќе никој во македонската држава не го интересираат темите како што се македонско-бугарските спорења, како што се европските интеграции, како што се современите безбедносни предизвици.

Денес македонскиот човек е гол човек, како и насловот на книгата на познатиот македонски водител, музичар, шоумен, актер, Игор Џамбазов. Македонскиот граѓанин во целост е гол човек, без финансии, без јака држава, без никаква одговорност на политичкото раководство.

Денес македонските граѓани се само толпа, која од време на време, за време на предизборните „роуд-шоуа“ им служат на интересите на партиските елити, и на едните и на другите, и на македонските и на албанските.

Баш затоа никој не го проблематизираше прашањето за бројот на жители од последниот попис. Баш затоа ниту еден политичар, економист, социолог не го анализира прашањето што ќе се случува со македонската држава доколку така интензивно се празни, доколку така интензивно ги губи своите млади, квалификувани, образовани и стручни сограѓани.

Затоа што никому не му требаат умови. Посебно на традиционалната политичка и бизнис елита. Тие си се самодоволни. Ги интересира само власта, моќта, економската придобивка и сето она во кругот на „елитното семејство“, додека пак сите останати македонски граѓани се само бројка, толпа, гласачка кутија и средство.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button