ВестиКултураМакедонијаМакедонци во светот

Македонски гласови од дијаспората: Успешно одржани Третите иселенички литературни средби во Скопје

Во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, на 4 јуни 2025 година се одржаа Третите „Иселенички литературни средби“, настан кој прераснува во важна платформа за поврзување на македонските творци што живеат и создаваат надвор од својата матична земја.

Настанот ги собра на едно место македонските писатели од дијаспората и од Македонија, со цел размена на искуства, презентација на творештвото и отворен дијалог за предизвиците со кои се соочуваат уметниците кои творат во различни културни и општествени контексти.

Поздравни обраќања имаа директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Живко Гроздраноски, кои ја истакнаа важноста на овие средби за одржување на живата врска со македонското културно и јазично наследство, со надеж оваа манифестација да стане трајна традиција.

Меѓу претставниците на дијаспората се вброија и Искра Пенева и Ана Илијоска Богиќ од Србија, активни членки на здружението „Македониум“ од Белград.

Искра Пенева, поетеса, модераторка и потпретседателка на здружението „Македониум“, настапи со сопствена поезија и воедно го претстави интензивниот и плоден културен ангажман на здружението во изминатиот период. Таа говореше за бројните активности кои ги осмислува и модерира, меѓу кои и поетските вечери, културните средби, ликовни и музички настани, како и меѓународни иницијативи насочени кон афирмација на македонскиот јазик и култура во Србија.

Ана Илијоска Богиќ, музичарка, поетеса и ликовна уметница, исто така го привлече вниманието со својот креативен израз. Како активна учесничка во работата на „Македониум“, таа се претстави со поетски и визуелни содржини, спојувајќи повеќе уметнички форми во еден уникатен настап кој ја отсликува мултидисциплинарната енергија на здружението.

На настанот настапија и други познати автори од дијаспората, меѓу кои: Зоран Карапанчев и Весна Карапетрова (Канада), Емилија Тодорова, Владо Јаневски, Нове Младеновски и Оливера Јовановска (Австралија), Светлана Далевска (Германија), Мирјана Мајиќ (Хрватска), Марјан Смоларски (Швајцарија), како и автори од Македонија: Лилјана Стоилковска, Александра Велинова, Митко Гогов и Ставре Џиков.

Особено значаен момент на средбата беше врачувањето на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија на Владо Јаневски од Сиднеј, признание што Агенцијата за иселеништво го доделува во рамките на Струшките вечери на поезијата. Наградата му ја врачи директорот Ангелов.

Настанот го водеше Билјана Костова, а топлата и инспиративна атмосфера потврди дека македонското творештво во дијаспората живее, расте и се поврзува, благодарение на вакви иницијативи кои градат мостови меѓу културните простори, јазикот и припадноста.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button