Запознавање

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ЕДИНСТВЕНАТА НЕПОДЕЛЕНА ТАТКОВИНА – Година посветена на Блаже Конески

Блаже Конески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).

Конески е роден на 19 декември 1921 година во Небрегово; основно училиште и нижа гимназија завршил во Прилеп (1934), а виша гимназија во Крагуевац (1939). Студиите во Белград ги почнал прво на Медицинскиот факултет, потоа на Филозофскиот факултет, на отсекот за Словенска филологија, a славистичките студии ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал (1944).

„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште “

По војната работел како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што, во 1957 година, станал и редовен професор и предавал историја на македонскиот јазик, при што во текот на сиот свој работен век бил шеф на Катедрата за јужнословенски јазици; бил декан на Филозофскиот факултет (1952/53) и ректор на Скопскиот универзитет (1958/60). На 13 февруари 1947 година бил избран за прв претседател на новооснованото Друштво на писателите на Македонија, а истата функција ја вршел уште во два мандата (1948, 1951/1952), бил и претседател на Сојузот на писателите на Југославија (1961/64) и прв претседател на МАНУ (1967/1975).

Од 4 јуни 1997 година Филолошкиот факултет во Скопје го носи неговото име.

Исто така, бил дописен член на сите поранешни југословенски академии на науките и уметностите, како и почесен доктор на Универзитетот во Чикаго (1968) и на Универзитетот во Вроцлав, Полска. Учествувал во составувањето на првиот Правопис на македонскиот литературен јазик (1945), бил редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик (1961/66), а автор е на голем број студии за средновековната и современата македонска писменост и приредил голем број едиции на стари македонски текстови. Во одделни периоди ги уредувал и списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“.

 – Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше.

Појавата на нашиот литературен јазик дојде како природен резултат од нашиот национален развиток во новото време, дојде како виден израз за оние процеси што се извршуваа во животот на нашиот народ и што го обусловуваа неговото оформување во современа нација. А токму тоа беше она што хегемонистите нејќеа да го знаат и признаат – така зборуваше Блаже Конески.

За својот книжевен опус добил високи награди и признанија, и тоа: „Годишната награда“ на ДПМ (1953), наградата на Сојузот на писателите на Југославија (1956 – за стихозбирката ,,Везилка“), некогашното највисоко сојузно признание АВНОЈ (1966), Хердеровата награда за литература, како и наградите „11 Октомври“ (1961 – за редакцијата на првиот том на „Речникот на македонскиот јазик“; 1965 – за делото „Историја на македонскиот јазик“; 1974 – за стихозбирката „Записи“; 1979 – за животно дело; за поетската книга „Записи“ ги добил и наградите: „Браќа Миладиновци“ на СВП-1974, „Кочо Рацин“ (1974) и „Његошева награда“ (1975); исто така, бил лауреат на наградите „Кирил Пејчиновиќ“ (1976 – за преведувачки опус), наградата за книжевен опус на книгоиздателството „Мисла“ (1981), „Златен венец“ на СВП-1981, „Бранко Миљковиќ“ (Ниш), „Скендер Куленовиќ“ (Приедор, 1985), „13 Ноември“ (1986 – од областа на науката, за книгата „Македонскиот 19-ти век“), „Вуковата награда” на КЛЗ на Србија (1987), „Рациновото признание“ (1988 – за „Дневник по многу години“), како и на наградата „Книга на годината“ (1989 – за стихозбирката „Сеизмограф“).

Врв

Еве на врвот се искачив. Сам.

Тука не ме следи око ничие.

И што? Јас во себе пак го шепотам

Жалосниот сон на своето величие.

На македонски јазик Конески ги превел: „Горски венец“ од Његош (1947), „Лирски интермецо” од Хајне (1952), „Отело” од Шекспир (1953), „Поезија“ од Александар Блок (1966), „Крштавање на Савица“ од Прешерн (1980).

Книжевен опус на Блаже Конески (1974), Огари и нови песни (1979), Места и мигови (1981), Чешмите (1984), Послание (1987), Црква (1988), Златоврв (1989), Сеизмограф (1989), Небеска река (песни и препеви, 1991), Црн овен (1993); Раскази: Лозје (1955);

Прозни записи: Дневник по многу години (1988). Едночинка: Гладна кокошка просо сонуе (1945); Лингвистички и научни трудови: Македонски учебници од 19-ти век (1949 – прв дел; 1959 – втор дел), Македонската литература во 19-ти век (1950 – прв дел; 1952 – втор дел), Граматика на македонскиот литературен јазик (1952 – прв дел; 1954 – втор дел); Историја на македонскиот јазик (1965), Јазикот на македонската народна поезија (1971), Македонскиот 19-ти век, јазични и книжевноисториски прилози (1986), Тиквешки зборник (1987), Прилепскиот говор, Историска фонологија на македонскиот јазик (2001 – постхумно во превод на македонски јазик); Есеи: За македонската литература (1961), Беседи и огледи (1952), Ликови и теми (1987), Македонски места и теми (1991), Светот на легендата и песната (1993); Редакција: Речник на македонскиот јазик (1961 – прв том; 1965 – втор том; 1966 – трет том).

Блаже Конески починал на 7 декември 1993 година.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button