Македонската држава одбележа уште еден Илинден
Повторно го дочекавме денот на македонската државност, големиот Илинден. Ама повторно со истите манири и старите навики. Поделени и раскарани до толку да не можеме ниту роденденот на својата татковина да го одбележиме заедно. Можеби не до толку сплотени, ама макар на регионот и во светот да покажеме дека имаме нешто заедничко, нешто што не обединува и за миг исчезнуваат сите оние несогласувања и расправии со кои битка водиме секојдневно.
Ама не. И овој пат големиот Илинден помина традиционално. Политички, идеолошки, економски и на секое можно ниво поделени. Поделени како народ, како нација, како политички субјекти, како група на граѓани. Впрочем некогаш си го поставувам и прашањето – дали воопшто може да се каже дека сме македонци ако покажеме обединетост – или веќе во идентитетскиот код на македонскиот народ фактот на огромна поделеност претставува всушност една од важните карактеристики на македонскиот народ – она што го чини автентичен во однос на другите народи.
Така и оваа година, тивко, без многу помпезност, помина Илинденот. Политичарите традиционални ги посетија местата каде што секоја година се одбележува Илинденот, додека граѓаните, во зависност од личните желби, го прославија овој голем македонски празник или на добро познатите историски локалитети или на некоја од плажите на македонските езера или на Егејското море.
Единственото нешто што е новина во однос на претходните години е фактот дека македонскиот претседател оваа година присуствуваше на одбележување на Илинденот во манастирот Прохор Пчински во соседната Србија, када је одржано првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ. Тоа е сосема нов момент, но и показател за тоа со кој од соседите македонската држава безрезервно одржува пријателски односи.
Иако тоа до сега не беше случај, како некои велат и заради нерешениот спор помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква кој конечно оваа година беше разрешен, оваа година македонците и македонските државни представници можеа несметено да го одбележат денот на државноста и во манастирот Прохор Пчински. И не само тоа, туку и во манастирот беше повторно поставена таблата на која е наведено дека токму во тој манастир е одржан АСНОМ – инаку табла која постоеше во тој манастир до почетокот на деведесетите години од дваесетиот век.
Освен тоа, гледано реално, ништо не е сменето. Спорењата со Бугарија и околу големиот Илинден и понатаму лебдeад во воздух, додека пак политичката координираност во македонската држава во однос на тоа прашање и понатаму е нереално одалечена за секој современ и прагматичен политичар. Ама македонскиот народ и на тоа навикна. Многу да се зборува за националните интереси, ама малку да се приdoнесува за вистинско остварување на истите. Затоа што и тие станаа средство на македонскиот политички пазар кој се користи од случај до случај, за се што е потребно, за политички поени, освен за националните и државните интереси. Ама ете, уште еден Илинден обележавме. Уште еднаш мирно политичарите со својата чиста совест се поклонија пред основоположниците на македонската држава – иако, длабоко во себе, и тие самите се свесни дека работат се спротивно на идеалите на тие основоположните, се спротивно на интересите на македонскиот народ, се спротивно на духот кој ја чини македонската држава