БлогВести

Македонската држава – граѓанска држава или бинационален проект на Балканот

Во македонската држава никогаш не се затворени прашањата за етничката припадност. Иако сите јавно зборуваат дека станува збор за граѓанска држава, во која, без обзир на етничката, националната, религиската и верската припадност, сите нејзини граѓани уживаат еднакви права и обврски. И тоа всушност би требало да биде така – да се политичарите кои и понатаму ќарат политички поени на националната и етничка карта на своите сограѓани.

Сега повторно се актуелизира прашањето за изводот од матичната книга на родените и на поставувањето на графата за етничка припадност. Наместо како до сега, изводите од матичната книга на родените да биде исклучиво поврзана со основните податоци на граѓаните, во тој документ по некоја нова одлука би требало да биде вклучена и графата за етничка припадност.

Вистинското прашање е зошто во една граѓанска и мултиетничка држава е потребна графа за етничка припадност во еден таков документ? Што би тоа значило во секојдневното функционирање на системот, на јавните институции, на мерит системот? Зошто е битно во македонската држава да се знае етничката припадност на граѓаните па дури и во матичната книга на родените, доколку и македонската држава ја има потпишано Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, како и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на чувствителните лични податоци како што се етничката припадност, религиозна припадност, политичка определба, здравствени состојба и сексуална ориентација. Всушност станува збор за Конвенција и Протокол ратификувани од страна на македонското Собрание кои се задолжителни од страна на македонската држава.

Или сепак македонската држава ќе спроводи политика и во спротивност со своите закони, а се со цел да се освојат нови политички поени, па дури и на сметка на законските оквири поставени баш од тие истите политичари кои ги ратификувале и конвенциите и протоколите, но и истите кои ги усвоиле сите законски акти.

Или повторно ќе се враќаме на почетокот на 21 век? Кога македонската држава беше втурната во воени операции само заради задоволување на нечии политички амбиции.

Или пак граѓаните повторно не се свесни дека повторно, по кој знае кој пат, често и редовно, политичарти си играат со нивните судбини, занемарувајќи ги економските и секојдневни проблеми на обичниот граѓанин?

Дали воопшто некој во македонската држава ќе се запраша како живеат обичните граѓани?

Од оваа перспектива, со оваа наметната етничка графа, се чини дека не. Се изгледа дека ќе продолжи да функционира онака како функционирало во последните 32 години. Без предвидлива иднина, без сигурност и стабилност.

Со помал број на младите и со се повеќе лица граѓани кои остануваат во државата само затоа што немаат друго чаре. Само затоа што се останати да го сочуваат она што им останало, истовремено затекнати од бедната судбина во која своите најмили ги гледаат преко социјалните мрежи, затоа што тие веќе се заминати на печалба, далеку од татковината, ама тамо каде што некој го почитува нивното знаење, нивниот успех, нивната посветеност, нивната упорност – и тоа без графа за етничка припадност.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button