ВестиОбразование

Ликовна работилница во ОУ Јован Јовановиќ Змај во Хајдучица

Во Основното училиште „Јован Јовановиќ Змај“ во Хајдучица деновиве се одржа креативна ликовна работилница наменета за учениците кои го изучуваат македонскиот јазик со елементи на национална култура. Настанот, исполнет со боја, инспирација и детска љубопитност, претставуваше уште една можност најмладите да го продлабочат своето познавање на македонската култура преку уметничко истражување.

Работилницата ја водеше ликовната уметничка Маја Соле Насковска, која со голема посветеност и професионалност им пренесе на децата нови техники и креативни методи на изразување. Учениците имаа можност да работат со различни материјали, да комбинираат бои и форми и да создаваат уникатни уметнички дела. Насковска ги охрабруваше да развиваат сопствени идеи, да експериментираат и преку игра да ја откриваат својата уметничка индивидуалност – што ја направи работилницата особено динамична и инспиративна.

Националниот совет на македонската национална заедница и овој пат даде силна поддршка на активностите кои ја негуваат љубовта кон македонскиот јазик, традицијата и уметноста кај младите генерации. Ваквите настани се значајни за развојот на културниот идентитет и јакнењето на врските со македонското наследство во средините каде што се изучува настава на македонски јазик.

Настанот го проследија и претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, како и секретарот Марјан Јованоски. Тие остварија средба со директорот на училиштето, Бошко Маленовиќ, чиј придонес е особено важен за развојот на наставата по македонски јазик во овој крај. Маленовиќ беше наставникот кој ги постави темелите на предметот во самите почетоци, кога македонскиот јазик првпат започна да се изучува во училиштето пред неколку години. Неговата посветеност и поддршка оставија значајна трага, овозможувајќи континуитет и развој на наставата.

Ваквите креативни и едукативни активности продолжуваат да претставуваат важен сегмент во зајакнувањето на културната видливост и образовното присуство на македонската заедница, носејќи радост и нови знаења кај најмладите ученици.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button