Ликовна работилница во Глогоњ


Во градинката при основното училиште ,,4 октомври” во Глогоњ се одржа креативна ликовна работилница наменета за децата од предучилишна возраст. Работилницата ја водеше сликарката Елизабета Јорданоска, која на децата им понуди можност преку боја и креација да се запознаат со елементите на македонската култура и јазик.

Настанот беше организиран со цел да се поттикне интересот кај најмладите и нивните родители за изучување на Македонскиот јазик со елементи на националната култура како изборен предмет.





Во пријатна и инспиративна атмосфера, децата цртаа, боеја и се забавуваа, додека преку игра и уметност се запознаваа со традиционални македонски мотиви и обичаи. Сликарката Јорданоска им пренесе дел од своето уметничко знаење, истовремено потенцирајќи ја важноста на негување на мајчиниот јазик и културниот идентитет уште од најрана возраст.

Настанот е организиран под покровителство на Македонскиот национален совет и наиде на позитивен одѕив кај родителите и локалната заедница, со надеж дека сè поголем број ученици ќе изберат да го изучуваат македонскиот јазик во училиштето и на тој начин ќе придонесат за зачувување на националниот идентитет во мултикултурната средина, каква што е Глогоњ.
