Во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа настанот „Кочани ви благодари“, на кој беа доделени благодарници на институции, медицински установи, тимови и поединци од земјата и од странство за нивниот значаен придонес во грижата и лекувањето на повредените по трагедијата од 16 март 2025 година.
Голема чест за Македонскиот национален совет во Република Србија претставува признанието врачено во Кочани, на одбележувањето на една година од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

На централниот настан „Кочани ви благодари“, градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, свечено ѝ врачи благодарница на претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, како признание за ангажманот и солидарноста што Советот ја покажа во најтешките моменти, кога дел од повредените млади кочанчани се лекуваа во болниците во Белград.
Во тие денови на неизвесност и болка, Македонскиот национален совет беше во постојан контакт со семејствата на повредените, со здравствените институции и со нашата заедница во Србија, настојувајќи да помогне и да биде поддршка таму каде што беше најпотребно. Ова признание го доживуваме не само како благодарност за институцијата, туку и како симбол на заедништвото, човечноста и блискоста меѓу луѓето во тешките моменти – истакна претседателката Зорица Митровиќ.

Настанот беше обоен со силни емоции и потсетување на моментите кои го обединија градот и регионот во хуманоста.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, во своето обраќање истакна дека таа кобна ноќ ќе остане вечно врежана во колективната меморија како судир со најтешките човечки страдања, дека огнот одзел многу, но не и надежта. Тој се потсети на хаосот и борбата за секој детски живот, нагласувајќи ја тежината на загубата.
-Ги видовте изгорените раце што уште се обидуваа да се фатат за животот. Ги видовте лицата на младите луѓе покриени со црн чад, болка и лелек. Ги видовте младите прекрасни тела изгорени како се борат за живот и како одеднаш тивко нѐ напуштаат. Го осетивме проклетиот мирис на изгорената човечка кожа кој никогаш нема да го заборавиме. Ги слушнавме криците, ги слушнавме трогателниот звук на сирените, оживувавме колапсни ситуации, едноставно со еден збор, повеќе од хорор. Тоа беше борба што траеше и траеше. Беше неописливо со зборови, беше хаотично. Токму во тие најтешки моменти се случи нешто што ние во Кочани никогаш нема да го заборавиме. Ние не останавме сами. Од сите страни пристигна помош. Болниците во државата и во многу други држави ги отворија своите врати. Доктори и медицински тимови се ставија на располагање без двоумени. Амбулантни возила, полициски возила, армиски возила, хеликоптери, авиони. појдоа кон непознати дестинации, носејќи ги нашите деца кон спас, кон нова надеж. Во Македонија, во соседството и низ Европа, здравствените системи, клиники, медицински тимови ја презедоа оваа битка како своја. Вие, мили мои, во тие моменти не гледавте само пациенти. Вие гледавте како на вашите деца, вие гледавте на животи што мора да се спасат. Вие ги дававте вашите животи за да ги спасите нашите деца, истакна Грозданов.
Покрај трагедијата, тој се осврна и на неверојатната солидарност што се појавила во тие моменти
-Од име на граѓаните на Кочани, од името на родителите и на семејствата, од името на младите кои денес повторно учат да живеат, Ви велиме едно големо, длабоко и искрено – Ви благодариме. Ви благодариме за вашата храброст, ви благодариме за вашата пожтртвуваност. Ви благодариме за секој час кои го поминавте покрај болничките кревети. Ви благодариме за секој спасен здив. Благодариме за секој живот што успеавте да го вратите од работ на бездната. Кочани ви благодари, додаде градоначалникот.

Посебна благодарница на настанот доби и припадникот на македонската заедница во Србија, радиологот д-р Константин Коцев, за неговата посветена и несебична работа и помош во лекувањето на повредените кочанчани во Белград.
Настанот „Кочани ви благодари“ беше исполнет со силни емоции и пораки на благодарност кон лекарите, медицинските тимови, волонтерите и институциите од Македонија и странство кои помогнаа во лекувањето и згрижувањето на повредените.
Во рамките на програмата настапија и уметниците Симон Трпчевски, Игор Дурловски и Зарина Првасевда.


За Македонскиот национален совет ова признание претставува потсетник дека солидарноста, грижата и човечноста немаат граници и дека нашата заедница секогаш ќе биде тука кога е најпотребно.



