БлогВести

Косовското прашање секогаш на маса

Ситуацијата со косовското прашање не се смирува. Актуелниот премиер на привремените приштински институции и понатаму држи огромни капацитети на специјалните единици на северот на Косово, баш таму каде што се  Србите мнозинство, баш таму каде што Србите се обидуваат да ги сочуваат своите вековни огништа.

Се почна со локалните избори. Кога без учество на српските политички представници беа избрани нови градоначелници од албанска националност, без никаков легитимитет, затоа што излезноста беше минимална, па во такви околности, градоначелничките места ги добија кандидати на албанските партии со помалку од илјада гласови.

Таквите нешта предизвикаа дополнителен револт кај локалното српско население. Претходоно веќе започнаа со мирни протести, се повлекоа од косовските институции како начин да го покажат незадоволството, а сега ова со градоначелниците се чини дека је „прелило чашата“ на теренот.

Повеќе од месец дена Србите на северот на Косово се на улиците, пред општинските згради, мирно протестираат, додека истовремено новоизбраните албански градоначелници прават се да ги задржат своите легални, ама во целост нелегитимни позиции.

Европската унија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и многу други сојузници на Приштина ја повикуваат косовска влада да ги повлече градоначелниците, да ги смести во алтернативни седишта додека не бидат одржани нови, легитимни избори, со учество на Србите, ама се чини како да приштинските власти веќе не ги слушаат ниту своите сојузници, ниту оние кои им доделиа каква-таква независност, надвор од рамките на меѓународното право, постоечките резолуции на Обединетите нации и досегашната пракса.

Всушност проблемот е се поистакнат. За тоа до каде е стигнат проблемот сведочат и рестриктивните мерки кои Европската унија, но и Германија ги воведоа против косовската влада, а како одговор на не реагирањето на косовските власти за стабилизирање на состојбата.

Од другата страна е Белград. Кој секојдневно мака мачи да ја убеди меѓународната заедница дека не бара ништо од тоа што е договорено, потпишано, па дури и со меѓународни гаранции подржано. Напротив. Белград бара многу помалку од она што е наведено во Резолуцијата 1244. Иако е загрозен територијалниот интегритет на Србија. Иако е во прашање и опстанокот на Србите на Косово, доколку се продолжи со притисокот кои тамошните граѓани и Срби го доживуваат на секојдневно ниво.

И сега сме навистина далеку од одржливо решение. Веројатно меѓународните представници ќе извршат притисок. Веројатно дека Приштина и Белград повторно ќе седнат на маса и преговараат. Веројатно дека заканите кон Србија за решавање на косовскиот прашање ќе се интензивираат. Па можеби и ќе се пронајде некое решение на лист хартија.

Ама никогаш нема да бидат задоволени интересите на двете страни. Никогаш нема да биде земен во предвид ставот на Србија. Никогаш Србите на Косово нема да бидат граѓани од прв ред, како што се сега Албанците. И никогаш нема да се постигне долгоочекуваното српско-албанско помирување. Не затоа што тоа можеби не го посакуваат обичните Срби и Албанци, туку баш заради диспропорцијата во понудените решенија – во кои стално се говори за дипломатијата, а се игра на карта победници и победени!

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button