Вести

Конференција: Економски придонес на малцинските заедници во прекуграничните региони

Во просториите на Собранието на АП Војводина започна дводневната конференција на тема „Економски придонес на малцинските заедници во прекуграничните региони“, во организација на Федерацијата на европски национални малцинства (FUEN) – првпат надвор од територијата на Европската Унија.

На свеченото отворање се обратија: Балинт Јухас – претседател на Собранието на АП Војводина, Лорант Винце – пратеник во Европскиот парламент и претседател на FUEN, д-р Балинт Пастор – претседател на Сојузот на Унгарците од Војводина (VMSZ), Жарко Миќин – градоначалник на Нови Сад, Усаме Зукорлиќ – министер за помирување, регионална соработка и општествена стабилност, Ричард Маша – Заменик шеф на ЕУ делегацијата во Србија, Жељана Зовко – пратеничка во Европскиот парламент.

Македонскиот национален совет беше дел од форумот, при што претседателката Зорица Митровиќ во своето излагање го нагласи значењето на јазикот, културата и идентитетот како темели на човековите права, одржливиот развој и европските вредности.

„Нашата работа е насочена не само кон зачувување, туку и кон активно унапредување на положбата на македонската заедница преку образование, култура, информирање, службена употреба на јазикот и богата културна продукција. Македонската заедница во Србија има изградено јасен, одговорен и долгорочен пристап во зачувувањето на својот идентитет – тоа е патот по кој сакаме да продолжиме. Успехот на една заедница е и успех на целото општество.“

На конференцијата учествуваше и секретарот на Советот Марјан Јованоски.

Конференцијата е платформа за дијалог, размена на искуства и поддршка на европските интеграции преку јакнење на улогата на националните заедници во прекуграничната соработка.

Парола на Форумот, која е општоприфатена за сите учесници е: Заедно градиме општество на еднаквост, почитување и културна разновидност.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button