Киро Урдин одликуван со „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ од Француската Република
Познатиот македонски уметник со светско реноме Киро Урдин е одликуван со орден „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ на Француската Република, за придонес во развојот на пријателството и културните врски меѓу Франција и Македонија.
На свеченоста во француската резиденција, синоќа во Скопје во присуство на негови блиски, пријатели и почитувачи орденот на Урдин му го врачи амбасадорот на Република Франција Сирил Бомгартнер кој се осврна на неговиот плодотворен и уникатен творечки пат. Од почетоците кога како несуден адвокат со завршен правен факултет на Универзитетот во Белград заминува за Париз во 70-те години, градот на светлината и колевката на уметноста, преку работата во најразлични простори на сите пет континенти се до денешни дни, стекнувајќи меѓународен углед, амбасадорот Бомгартнер посебно се задржа на „планетаризмот“, движење основано од Урдин.