Кире Митрев доби Национална пензија на Србија

На предлог и препорака на Македонскиот национален совет, на Кире Митрев – композитор, аранжер, тромбониста, продуцент, бенд лидер, доцент на универзитет и се разбира припадник на македонската заедница во Република Србија, му беше доделена Национална пензија на Република Србија. Кире Митрев е роден во Битола на 16.07.1948 година, каде завршил основно и средно музико школо. Образованието го продолжил на Факултетот за музички уметности на Универзитетот во Белград, на Инструментален одсек – тромбон (класа на проф. Винко Валенчиќ). Специјализација завршил на одсекот за аранжирање и тромбон, на Berklee School of Music, (класа на проф. Phil Wilson) во Бостон, САД. Оттаму се враќа и своето творештво го создава во Белград – Србија, каде што и денес живее.

Во образложението на предлогот на Националниот совет, со кој е иницирано доделувањето на Националната пензија беше нагласено:
Музиката создадена од Кире Митрев е навистина искрена, создадена како израз на неговите емоции, полна со страст, позитивна енергија и смисла за хумор, енергија и хармонична убавина составена во богати ритми од неговите родни простори. Како што е препознатлива музиката на големите светски бендови и изведувачи, успеа да создаде свој препознатлив стил и откако ќе слушнете еден ритам, знаете дека е Кире. Најзаслужна за ова е престижната музичка академија „Беркли колеџот на Музика“ која ја посетувал.
Музиката што ја создал е концептуално и хармонично напишана во модови (црковни скали). Тој е ритмички богат со посебен осврт на изворната народна музика од ова поднебје. Тоа е неисцрпен извор од каде постојано се напојува. По својата содржина, музиката е изразена во слободни форми и содржи елементи на џез, фанк, соула, фјужн, госпел.

За време на промоцијата на албумот „Не, навистина се брзам“, на фестивалот во Опатија како претставници на Белград, Миленко Прохаска и Јоже Прившек изјавија: „Музиката на Кире е голем чекор напред кон прогресија и богати хармонии“. Некои од нивните предвидувања се остварија. Тие рекоа: „Неговата музика е „далеку пред своето време“. Тоа всушност постана вистина. Младите генерации повторно ја откриваат. Музиката сама го пробива патот до новите фанови. Таа ги стимулира нивните амбиции во креативна смисла и ги едуцира. Во поголемите градови од регионот се формирани клубови на љубители на неговата музика. Во Белград традиционално се одржува фанк конгрес кој ја слави неговата музика. Неговата цел е постигната, неговата музика ги облагородува и зближува луѓето.
Композициите „Љубе ме брзо, брзам“ кои ги обработи „SevdahBABY“ и „Фрка“ во обработки на „Nipplepeople“ станаа најголеми хитови во регионот и пошироко. Имаат милиони прегледи на интернет и изведувани се на големи меѓународни фестивали како „Exit“, „Sea Dance“ и други.
Настапуваше рамо до рамо со водечки европски солисти. Како тромбонист и аранжер на биг бендот „John West & Singers “, беше единствениот уметник на меѓународна сцена од овие простори во тешките времиња на 90-тите за нашиот регион. Тоа било посебен предизвик да се биде солист и преку аранжмани да се пренесе чувството за убавина и харизма од нашите простори. Диригентот г-дин Вест неговите настапи гордо ги најавуваше со зборовите: „Кире Митрев од Србија“. Амбасадорите на Европската Унија често беа домаќини на големи гала настани. Нивната реакција во најмала рака била чудна, но тој сепак беше награден со голем аплауз. Квалитетот на неговите изведби и аранжмани беше негов начин да ја покаже вредноста на земјата од каде што доаѓа.
Тој е особено горд на детската продукција што ја создаде, бидејќи е фантастичен придонес за генерации млади луѓе. Напиша аранжмани за текстови на Љубивоја Ршумовиќ, музика на Миња Субота и ансамблот на Саша Субота за богата детска продукција. Некои од овие песни, како „Отидовме во Африка“, „Децата се украс на светот“ итн., станаа митолошки детски евергрини. Со овие песни растат генерации деца и стануваат културни, благородни граѓани на Србија и светот.
Треба да се истакне и учеството на големи хуманитарни гала концерти на УНИЦЕФ во Италија, Холандија и Франција како единствен културни амбасадори од Југославија. Тогаш беа собрани големи донации за децата од Африка.
Пред воодушевената публика, тие ја претставија Југославија во најубавото светло, ширејќи го пријателството на народите и градење на висок уметнички авторитет.
Врвот на неговата уметничка зрелост и музичка креативност беше крунисан со местото доцент на „Џез и рок Шуле Фрајбург“ во Германија. Неговите студенти покажаа извонреден интерес за македонската и српската изворна и национална музика. Специфичниот фолклор и неповторливиот неправилен македонски ритам предизвикаа голем интерес и од германската публика. Убаво беше да се слушнат старите народни песни во неговите современи џез-аранжмани. Спој на стар традиционален и модерен звук. Во својата понатамошна работа студентите ќе го шират влијанието на нашата музика врз европските трендови. Така музиката ги зближува луѓето.
Изразувајќи ја својата длабока благодарност музичкиот авторитет Кире Митрев истакна – „Навистина ценам што го препознавте мојот придонес за српската и македонската уметност и култура. Изразувам среќа. Вашата препорака да станам кандидат за Националната пензија, да ја претставам македонската изворна уметност преобразена во современа и модерна форма, резултираше со позитивен исход.
Одборот за доделување на Национална пензија, оддаде признание за долгогодишната и сериозна работа чии резултати ќе ги почитува и користи помладата генерација за своето образование и што е најважно, ќе ги мотивира да создаваат врвни дела.
Ви благодарам за големата поддршка и ве молам секогаш да сметате на мене во активностите на Македонскиот национален совет. Со задоволство ќе придонесам за идните проекти на Советот“.