Новиот филм на Милчо Манчевски „Кајмак“ од 27 април ја започнува својата редовна кино дистрибуција во кината во Белград и низ цела Србија.
Добитникот на Златниот лав и кандидат за Оскар, Милчо Манчевски и се враќа на кино публиката со уште еден филм кој провоцира и шокира. Проекциите на филмот „Кајмак“ ќе се одржат во Салата на Културниот центар на Белград, како и во кината Cineplex Ušće, Cineplex Promenada во Нови Сад, Cineplex BIG Крагуевац, Cineplex Niš, во киното Кварт во Краљево и во кино „Крушевац“. Публиката наскоро ќе има можност да ја види оваа продукција и во другите градови во Србија и регионот.
– Знаејќи дека секој филм е политички филм, сакав да раскажам љубовна приказна за возрасни. Животот е премногу богат, полн со можности, луѓето сакаат на многу различни начини за ние да ја прифатиме лицемерната бајка за еден дечко кој запознал девојка, за еден дечко кој изгубил девојка, за еден дечко кој добил девојка и потоа живеел среќно до крајот од животот. Кој одлучува што е правилно, а што не? Што е нормално? Општеството, семејството, поединецот? „Прогресивниот“ запад или „примитивниот“ исток? – истакнува Милчо Манчевски.
„Кајмак“ раскажува за два љубовни триаголници во едно маало. Дејството на филмот е сместено во модерно Скопје, на место каде што е подигната нова стаклена зграда до мала, трошна куќа, со што се зближуваат два различни света. Актерската екипа ја сочинуваат Сара Климоска (добитничка на наградата Европска ѕвезда во подем во Берлин 2021 година), Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ. Светската премиера на филмот се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Токио. Филмот ќе се прикажува во 40 земји во 2023 година.
Милчо Манчевски режираше седум играни и 50 кратки филмови. Добитник е на повеќе од 50 меѓународни награди. „Њујорк тајмс“ го вклучи „Пред дождот“ на листата на 1000 најдобри филмови некогаш снимени. Списанието „Rolling Stone” го вклучи неговото музичко видео ”Tennessee” за „Arrested Development“ на својата листа на 100 најдобри музички спотови на сите времиња. Неговите филмови се дел од наставната програма на бројни универзитети. Заедно со режисерската работа објавувал и проза, есеи и три книги со фотографии.