Илиноис е втора сојузна држава која го прогласи септември за Месец на македонското наследство во САД
Илиноис е дом на многу македонски Американци кои придонесуваат културно, економски и филантропски, се вели во известувањето што го пренесе Гласот на Америка на македонски.
По примерот на гувернерката на сојузната држава Мичиген, Гречен Витмер, сега и гувернерот на сојузната држава Илиноис, Џеј Би Рицкер, го прогласи септември за Месец на македонско-американското наследство, објави Гласот на Америка на македонски јазик.
„Илиноис е дом на многу македонски Американци кои придонесуваат културно, економски и филантропски“,се вели во известувањето кое го пренесе Гласот на Америка на македонски.
Во известувањето се додава, „многубројни вредни македонски имигранти помогнаа да се одржи американскиот претприемачки дух и се дел од историјата и културата на Чикаго“.
Гувернерот наведува и успешни македонски Американци со бизнис во Чикаго, меѓу кои бизнисменот Мајк Зафировски, поранешен извршен директор на „Моторола“ и „Нортел“, Дино Делевски, основач и тренер на младинската фудбалска организација „Чикаго Инферно“, но и повеќе други.
Септември за месец на македонско-американското наследство, пред дестина дена, го прогласи и градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон.
Освен во Илиноис, македонската култура месецов се слави и во Мичиген.
Според гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, важно е да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.
Во прокламацијата од гувернерката Витмер пишува дека македонските имигранти почнале да доаѓаат во САД од пред повеќе од еден век, а денес има над половина милион Американци со македонско потекло во државата.
Минатата сабота, на 16 септември и градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, ја прогласи за ден на македонското наследство, кога македонското знаме се крена на Вол Стрит по повод 32 години независност.
Ова следува откако во јули годинава републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, претстави резолуција во американскиот Сенат, според која септември 2023 година би се прогласил за Месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за Соединетите Американски Држави (САД).
Резолуцијата е на иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), а е спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, но таа прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство пред за неа да гласа целиот Сенат.