ИЛИНДЕН 2025 – Полагање на венци

Гордо, достоинствено, македонски!
По завршувањето на седницата, гостите се упатија во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ во Јабука, каде што, со полагање венци и цвеќе на бистата на револуционерот, му оддадоа почит на ликот и делото на Гоце Делчев и на двата Илиндена – Илинденското востание од 1903 година и историското заседание на АСНОМ во 1944 година.


На свеченоста присуствуваа претставници на бројни македонски здруженија од цела Србија, Националниот совет на македонската национална заедница, Амбасадата на Република Македонија во Белград и Месната заедница Јабука.






Со пригодни обраќања пред присутните се обратија државниот секретар на Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог др Иван Бошњак, директорот на Македонскиот Културно информативен центар во Белград др Васко Шутаров и претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, кои ја истакнаа важноста на Илинден како симбол на слобода, единство и континуитет на македонската борба.



- Од Илинден 1903, преку АСНОМ 1944, до денес, борбата на македонскиот народ за своја држава, за свој јазик, за свој идентитет, не престана. Таа борба добивала различни форми низ времето, но суштината е иста – да опстанеме како Македонци, каде и да сме, да се сеќаваме кои сме и што сме – истакна претседателката Митровиќ и додаде:
- Денес сме тука и во име на оние кои повеќе не се меѓу нас, а кои неуморно чекореа во таа борба. Сакам да го спомнам и нашиот драг Борче Величковски, поранешен претседател на Националниот совет, кој беше и ќе остане симбол на истрајноста, достоинството и љубовта кон Македонија и кон Македонците во Србија. Неговата енергија, неговата визија, неговото дело остануваат патоказ за сите нас што чекориме понатаму.


Програмата ја збогати оркестарот со зурли и тапани од Вевчани, чиј моќен и разигран ритам ја исполни Јабука со енергија, носталгија и радост, потсетувајќи ги присутните на вечната живост и убавина на македонската традиција.


Како и претходните години, Советот имаше и своја делегација предводена од потпретседатлот Драгутин Димчевски која положи венец во манастирот „Прохор Пчињски“, оддавајќи почит на историските настани и личностите што го обележаа патот кон македонската државност.
