ВестиКултура

Изложба за Гоце Делчев во Нови Сад – Европската престолнина на културата

Нови Сад кој е прогласен за град на културата за 2022 година широко ги отвори вратите за изложбата на македонскиот државен архив и за револуционерниот великан Гоце Делчев ,,150 години од раѓањето на Гоце Делчев 1872-2022”.

На отворањето на изложбата за нејзиното значење зборуваа директорот на Архивот д-р Емил Крстески, авторката, д-р Јасмина Дамјановска, како и директорот на Архивот на Војводина, д-р Небојша Кузмановиќ.

„Нови Сад и Архивот на Војводина е прва станица на изложбата ‘150 години од раѓањето на Гоце Делчев’ бидејќи овој град е Европска престолнина на културата за 2022 година. Сметам дека изложбата ќе биде добра промоција на нашата историја, култура и традиција. Тоа е најнова изложба на Архивот чиј покровител е претседателот Стево Пендаровски, а што ја организиравме на 4 февруари во Скопје“, изјави директорот на Државниот архив Емил Крстески.

Тој ја истакна добрата соработка со Архивот на Југославија, Државните архиви на Србија и на Војводина, со кои се склучени договори, истакнувајќи ја соработката со Архивот на Југославија за процесот на сукцесија на СФР Југославија за преземање на архивската граѓа од овој архив.

„Нови Сад е престолнина на европската култура и драго ни е што Нови Сад и Србија се препознати како место каде што треба да се постави изложбата ‘150 години од раѓањето на Гоце Делчев’, рече Небојша Кузмановиќ, директорот на Архивот на Војводина, истакнувајќи дека во 1926 година на ист ден во тогашна Југославија институционално се отворени архивите во Скопје и во Нови Сад, што помеѓу останатото влијае за посебниот меѓусебен однос и соработка, во однос со останатите архиви од поранешна Југославија.

„Оваа изложба за Гоце Делчев покажува дека без архивските документи и без архиви можат да се кажуваат приказни, но не можат да се кажуваат вистини, бидејќи во архивите се наоѓаат факти преточени во документи. И кога тие документи ќе ги изнесете на виделина, дали преку изложба, дали преку книги или емисии, дури тогаш ја покажувате сериозноста на она за што говорите, како што е Гоце Делчев кој е најзначајна историска личност, кој се борел против Отоманската империја и за создававање на македонскиот идентитет“, додаде директорот на Државниот архив на Војводина, истакнувајќи го задовлството од соработката.

Изложбата, на која присуствуваше и македонската в.д. амбасадорката во Србија, Михаела Веселинов, ќе биде отворена до 9 април.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button