Изложбата Откритија отворена во македонскиот КИЦ во Белград

На 26 ноември 2025 година, во свечена, уметничка атмосфера, во Македонскиот културно-информативен центар во Белград беше отворена изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонските ликовни уметници, чии дела се чуваат во приватни белградски колекции.

На отворањето беа претставени 14 оригинални дела од македонски автори, меѓу кои и дела на најзначајните основоположници на македонската ликовна уметност, од приватната колекција на г. Игор Станковиќ. Овие ремек-дела, ретко или никогаш изложувани во нашата матична држава, претставуваат вистинско културно откритие за стручната и пошироката јавност.



Иницијатор и домаќин на настанот беше директорот на КИЦ, Васко Шутаров, а свеченото отворање го збогати присуството на министерот за култура и туризам на Република Македонија, Зоран Љутков.

На настанот присуствуваа и претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, и секретарот Марјан Јованоски, кои дадоа значаен придонес во посредувањето и воспоставувањето соработка помеѓу КИЦ-от и колекционерот Игор Станковиќ, што овозможи оваа изложба да стане реалност.

Свеченото отворање претставува почеток на нова платформа за промоција и афирмација на македонската ликовна уметност во Србија, преку приказ на скриените бисери од приватните колекции.



