ВестиКултура

Изложбата „Коло“ за роденденот на Здружението „Македониум“

По повод 14 години од основањето на Здружението на Македонците во Белград „Македониум“ отворена е ликовната изложба „Коло“ на сликарката Елизабета Јорданоски во Установата за култура ,,Пароброд“ а под покровителство на градот Белград.

Изложбата ја отвори мр Синиша Новески. Според неговите зборови, изложбата „Коло“ претставува етнографска љубов кон традицијата, музиката, фолклорот и мајчинството. Симболично ги поврзува луѓето, културите и емоциите преку фолклорното оро. Сликите се, како и Македониум, полни со енергија, радост и, во исто време, исполнети со симболика на мистицизмот и психологијата.

– Како наивен сликар Елизабета покажува многу уметничка зрелост и метафизичка енергија. Во неколку слики, преку жената како мотив, индиректно се слика себеси и својата духовна и психолошка состојба. Фигурите се во топла боја, исполнети со набој за енергија, а просторот, како животот и светот, е прикажан со надреални златни тонови во кои фигурата се топи и гори оптимистички, симболизирајќи ја надежта за подобро. Медитеранската боја ја карактеризира како експлозивна, жена борец, која внесува оригиналност и свежина во нејзиното сликарство и создава свој свет преку линија и композиција – истакна Новески.

Ова е трета самостојна изложба на Елизабета Јорданоски, а како што вели, се подготвуваат и нови проекти кои ќе се реализираат кон крајот на годинава.

– Со задоволство се одзвав на поканата на Здружението „Македониум“ каде што и членувам од пред неколку години. Ова беше извонредна прилика, покрај стариот, да се прикаже и дел од новиот циклус кој е во подготовка и кој се разликува од претходните – изјави Јорданоска.

Изложбата беше многу посетена, а присутните беа воодушевени со богатиот колорит и традиционалните мотиви во уметничките дела на Елизабета. Културно уметничката програма ја употполнија пејачката група ,,Македониум” како и младата актерска надеж Алексеј Јорданоски.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button