Иван Бекјарев
актер (Белград, 6 април 1946 - Белград, 16 новембар 2020)
Иван Бекјарев беше познат југословенски актер.
Завршил Шеста белградска гимназија, а потоа и Факултет за драмски уметности, каде што бил во класата со Јосиф Татиќ и Милан Гутовиќ.
Неговата прва филмска улога беше во „Боксерите одат во небо“, а се прослави со улогата на Вујковиќ во серијата наречена „Бањица“, додека славата ја стекна со улогата на Стевица Курчубиќ во серијата „Бољи живот“.
На ликови со специфични имиња и карактери, како што се Стевица Курчубиќ, Цане Курбла, Тома Грковиќ, Светозар Вујковиќ, Деспотовиќ, Маршиќанин, Јеротије Пантиќ, Бекјарев им ја даде таа специфичност со својата особеност.
Во театарот одиграл повеќе од 150 улоги, од кои околу 60 во Југословенскиот драмски театар. Како гостин играше главни улоги во други белградски театри, како и во повеќе театри во Србија.
Снимил над 50 филмови во поранешна СФРЈ, Србија, Данска, Италија итн. За неговиот придонес, тој беше избран за член на Академијата за филмски уметности и науки (AFUN).
Даваше голема поддршка на Македонците во Србија и беше добредојден гостин на различни настани организирани од македонската заедница. Свечено ги отвори Деновите на македонската култура во Белград „Допир на Македонија“ 2015 година, во Народниот театар во Белград.
Беше успешен радио и ТВ водител, а во 1970 година за првпат кажа „Добро утро“ на тогаш новото радио „Студио Б“. На Радио Белград-202 со години беше автор и водител на култната емисија „Мислам на тебе, мислам на мене“. Имаше и голем број свои шоу програми на различни телевизии.
По повод одбележувањето 50 години кариера во 2017 година, македонскиот скулптор Синиша Новески му изработи и врачи биста.
Почина во Белград 2020 година, од последици на корона вирусот.