Започна со реализација проектот “Јазичен пејзаж на Македонците во Војводина”
Делегација на Националниот совет на македонската национална заедница во Србија, предводена од претседателката Зорица Митровиќ, а во придружба на секретарот Марјан Јованоски и претседателот на здружението Вардар од Качарево Сима Најдовски, оствари средба со професорките на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Нови Сад, Валентина Соколовска и Биљана Радиќ-Бојаниќ.
На средбата професорките Валентина Соколовска и Биљана Радиќ-Бојаниќ, информираа дека добиле финансирање на проект за национални малцинства во делот на образованието од страна на покраинскиот секретаријат на АП Војводина за високо образование и наука, на тема присуство на македонскиот јазик во јавниот простор во Република Србија. Проектот “Јазичен пејзаж на Македонците во Војводина” е прв од ваков вид кој е финансиран од страна на овој покраински секретаријат а да го опфаќа македонскиот идентитет, во кој преку дадено позитивно мислење е вклучен Националниот совет од самиот почеток во месец февруари кога е поднесена конкурсната документација. Професорките во соработка со Националниот совет планираат заеднички активности во насока на реализација на проектот, како и соодветно пласирање на добиените резултати од истражувањето и зголемување на видливоста на префиксот „македонски“ во делот на науката и истражувањата во Војводина и Србија.
Претседателката на советот Митровиќ, изразувајќи задоволство од понудената соработка, истакна дека Националниот совет стои на располагање за сите наредни активности во рамките на наведениот проект, но и предложи заеднички настап во некој нареден проект со взаемен интерес и на тема од значење за македонската заедница во Србија. Притоа ги информираше соговорничките за областите на делување на советот во 4-те области на самоуправа, како и за планираните активности и проекти во наредниот период особено во употребата на мајчиниот јазик и писмо и образованието, што претставува нивен посебен интерес.
Во рамките на средбата беше договорено организирање на заеднички настан со цел промоција на резултатите од спроведеното истражување по нивното комплетирање.