Кога се во прашање европските интеграции на Западниот Балкан, потенцијалното членство во Европската унија за државите од овој регион – прво што ни паѓа напамет е таканаречената Солунска агенда, освоена далечната 2003 година, кога се чинеше дека во светот ќе функционира се така бајно, додека, кога е во прашање Западниот Балкан – дека се ќе оди во правецот на просперитет.
Меѓутоа, после скоро дваесетина години, ниту светот живее во некоја бајка, ниту Европската унија ја ужива позицијата која ја поседуваше на почетокот на 21 век, ниту пак на Западниот Балкан „цветаат ружи“. Ситуацијата, во реалноста, и од глобален аспект и од европски, а богами од аспект на приликите на Западниот Балкан – не е така „розева“, ниту ветувачка. И тоа не е последица само на актуелната Украинска војна, туку на ред други околности со кои се соочи светот во последните 20 години.
Ама, конкретно кога е во прашање Западниот Балкан, проблемите само се продлабочуваат, иако економските состојби, барем наизглед, делуваат стабилизирано. Истите проблеми, истите луѓе ја водат западно-балканската представа, од распадот на Југославија па се до денес. Истите политичари и „државници“ кои на крајот на дваесетиот век беа протагонисти во процесите на суверени и национални држави, во текот на две илјадитите години беа најевропските политичари во регионот – додека пак сега, во актуелните околности, ниту самите не знаат во кој смер да одат, да ли е идејата за членство во ЕУ мртва, да ли долгорочно остануваме како регион на маргините на заедничкото европско семејство или сепак, војната во Украина – ќе ни понуди некоја нова надеж, која е барем засега сосема неизвесна.
Ама сега е тешко да предвидуваме што ќе се случи утре, затоа што не успеавме ниту да предвидиме што се случи вчера, ниту да поверуваме во тоа дека Москва ќе ја нападне Украина. Ама и зошто би предвидувале. И онака секогаш политичките стратегии на западно-балканските лидери биле онаа слаба страна. И онака овде политиката се водела и води од ден за ден. Како и борбата на секој граѓанин во регионот да преживи – од ден за ден.
Меѓутоа, вистината е таква. Грешката е како двосмерна улица. Во случајот на европската интеграција на Западниот Балкан. Самата идеја за членство во Европската унија на целиот Западен Балкан од ден на ден наликуваше на фатаморгана. Денес ниту Брисел е заинтересиран за европските интеграции на Западниот Балкан, иако официјално се испраќа сосема различна порака, ниту пак граѓаните на Западниот Балкан се онака, како што беа пред 15 години, заинтересирани за европското семејство. Ама проблемот има двострук карактер. Од една страна државите на Западниот Балкан никогаш, се до ден денес, не успеаа да се приближат кон целосно исполнување на таканаречените критериуми од Копенхаген. Од друга страна, и Брисел во ниту еден момент не остана доследен на своите ветувања. Се чини дека и на Брисел му одговараше тоа што кандидати на Западен Балкан не ги исполнуваат критериумите, па така и европската администрација да има оправдување за континуираното одложување на своите ветувања.
Ама сега наеднаш работите се променија. Одеднаш Брисел бара цврсто следење на европските принципи, на европската надворешна политика, поготово кога е во прашање ставот кон Руската федерација, но и ставот кон економската „инвазија“ на НР Кина. Само што е можеби реакцијата задоцнета. Само што е можеби предоцна да се предупредува на руското и кинеското влијание на Западниот Балкан, затоа што додека Европската унија имаше апсолутен маневарски простор да го интегрира во целост овој регион, тогаш Брисел калкулираше, чинише се, освен тоа што би требало да претставува долгорочна стратешка политика.
И да бидеме реални. Денес е сосема доцна за брзо решавање на ова прашање, на европската интеграција на Западниот Балкан. Прво, ниту кандидати во регионот се спремни за забрзана интеграција, ниту општествата во овој регион веќе ја доживуваат Европската унија како што тоа беше случај пред 20 години. Од друга страна, ниту граѓаните на Европската унија денес даваат подржка за било какво проширување на Унијата, ниту пак Брисел смета дека има капацитети за еден таков проект во брза иднина.
Всушност се застанува во место. И за тоа не е клучна бариера војната во Украина. Туку пропуштените прилики во последните 20 години. И сосема е задоцнета реакцијата за руското и кинеското влијание, затоа што се тие веќе присутни, без обзира дали е тоа нешто позитивно или негативно. Што би рекол нашиот народ – работата е завршена, а на нас останува да видиме во кој правец ќе одат работите – дали и понатаму ќе се бориме за живот од денес за утре, без никаква долгорочна перспектива или конечно ќе се отрезниме, и како народи, и како држави, и како политичари – па навистина ќе ги земеме работите во свои раце.