Заминувањето на истакнатиот македонист во Србија – почина проф. Радомир Ивановиќ
Истакнатиот плоден книжевен толкувач, унивезитетски професор и книжевен критичар Радомир В. Ивановиќ почина изненадно во својот дом во Белград, во 87 година
Професорот Ивановиќ беше српски и црногорски есеист, критичар, книжевен историчар и теоретичар и истакнат македонист. Зад себе остави повеќе од 60 книги на српски и дванаесет дела на македонски јазик.
Активно учествуваше во афирмацијата на македонската литература и култура во Србија, како гостин на манифестациите Денови на македонската култура во Нови Сад и Белград.
Автор е на книгите од областа на книжевната и театарска историја, теоријата и критиката: Милутин Ускоковиќ (1968), Огледи (1969), Книжевното творештво на Косово на српскохрватски јазик (1971), Искушенија на книжевната анализа (1972), Романите на Михаило Лалиќ (1974), Критички методи (1975), Толкувања на современиот југословенски роман (1976), Убавината на пишувањето (1978), Тешкотиии на толкувањето на книжевното дело (1979), Писатели и проблеми (1984). Последниве три децении посебно внимание му посвети на проучувањето на македонската книжевност на 19. и 20. век и на македонски јазик ги објавил делата: Современиот роман (1977), Портрети на македонски писатели (1979), Поетиката на Коста Рацин (1979), Огледи за македонската книжевност (1982), Поетиката на Блаже Конески (1982), Македонски писатели и дела (1984), Книжевни паралели (1986), Поетиката на Ацо Шопов (1986), Поезијата на Блаже Конески (1988), Дијалог со делото (1989), Григор Прличев во светлината на романтизмот (1990).
Книгите и поединечните дела на Ивановиќ се преведени на: албански, словенечки, македонски, бугарски, руски, рутенски, шпански, француски, англиски, словачки, романски, турски, италијански, германски, ерменски и јапонски.
Добитник е на многу домашни и меѓународни награди и признанија меѓу кои и наградата Почесно Рациново признание.
Беше член на Македонската академија на науките и уметностите, Црногорската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Србија, постојан соработник на Матица Српска, почесен доктор на науки е на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и дописен член на Друштвото на писателите на Македонија.
Меѓу пријателите и колегите, соработниците и студентите ќе остане запаметен како исклучително добронамерен и толерантен човек, секогаш подготвен да помогне, полн со необичен оптимизам и бодрост, како и со планови за нови книги.
Кремирањето ќе се изврши во понеделник на 28 ноември во 11 часот на Земунските гробишта.