ВестиКултура

Ехото на Зарина Првасевда и во Србија

Евгенија Здравевска или Зарина Првасевда, девојката која им дава нов живот на старите песни, неодамна беше во Белград, каде го претстави својот нов албум наречен „Ехо“.

Што има ново кога станува збор за Вашата музичка кариера?

Од последниот пат кога разговаравме, пред три години, се случија многу убави работи, излезе новиот албум „Ехо“, се случи концертот во Македонската филхармонија, работам напорно и многу ми е важно во моментот таа музика да патува по Балканот. Новиот албум излезе во април оваа година и во моментот она што многу ме радува се позитивни критики, високо се котира на радио станиците и на Балканот веќе се зборува за тој албум. Албумот го издаде Кроација Рекорд, односно Југотон и се надевам дека таа музика нема да остане таму само како едно парче, издание или сувенир, но дека музиката ќе остане да се памети, а тоа е и најважната цел. Неодамна имав еден концерт во Кочани кој помина одлично. Концертот во Филхармонија е нешто што мене ме одбележа како човек, беше како повторно раѓање на оно што е Евгенија или Зарина. Се радувам дека во Македонија публиката одлично го прифаќа она што го правам, коментарите се дека е некакво освежување, нешто што наежува, нешто што расплакува, нешто што прегрнува, а тоа е нешто што јас сметам дека како човек го имам како мисија на овој свет да го пренесам. Тоа сум јас, некој кој сака да прегрнува, кој сака да утешува, слуша и мислам дека луѓето тоа го чуствуваат низ музиката која ја правам.

Вие сте некој кој ја чува традиционалната музика. Од каде потекнува љубовта кон изворната песна?

Љубовта кон изворната, традиционална музика е, претпоставувам, нешто што е длабоко вкоренето во мене. Раснав во мало место, Демир Хисар, и таму имав можност изворната музика од блиску да ја гледам и да ја живеам. Всушност, таа љубов се родила пред многу време, не верувам дека ова искуство со традиционалната музика е од овој живот, бидејќи јас не памтам од кога пеам, пеам од секогаш традиционална музика и ми се допаѓа. Можам да кажам дека фолклорот кој го практикував околу 15 години и како играорец и како пејач, татко ми како музичар кој се занимавал со традиционална музика, животот во Демир Хисар, подоцна кога за прв пат ги слушнав Вања Лазарова, Манчевски, Беловска, Васка и целата таа екипа, само се уцврсти таа љубов и се роди поголема желба јас тоа да го правам и еве овака да го проширувам по светот.

Покрај музиката, Вашата голема љубов е и планината. Од каде потекнува идеја да снимите песна на врвот на планината?

Планината е нешто што ми го откри ова што сега го работам. Јас ја доживувам и третирам како манастир затоа што почетокот на Зарина Првасевда е видеото со песната „Билбил пее во планина“, кое што се случи на врвот Пелистер. Сметам дека природата и традиционалната музика генерално се нераскинливо поврзани затоа што филтерот низ кои поминала македонската традицонална музика и секоја друга традиционална музика е сепак природата.  Тоа беше нешто што сосема спонтано се случи. Прво излезе „Билибил пее“, подоцна „Распукала Шар планина“. И двете видеа имат голем број прегледи и верувам дека, ако тоа го правев наменски, немаше да помине така. На луѓето им се допаѓаат искрени работи, спонтани, затоа што живееме во време во кое што мораме да се движиме во некоја агенда, некакви напишани правила  и форми и тоа ни стана начин на живот. Ова е нешто што отстапува од тие форми. Мене ми се допаѓа моментот на концерти, во концертни сали, допирот со публика, ама од другата страна и ми се допаѓа кога природата ми е публика и кога природата ми е оркестар. Благословена сум што можам да ги комбинирам тие две работи, но сметам доколку човекот не е доволно поврзан со природата, чисто, искрено, наивно, нема да биде во можност да и даде на традиционалната музика доволно интензитет и жар.

Како ги избирате песните за обработка?

Во прашање се разноразни извори. Некои од нив сум ги научила кога сум била дете, по комшилукот шетајќи, нижејќи тутун, некој од нив ги учев во соработка со колеги, музичари. Допирам во различни култури, пеам на повеќе јазици, како што се македонски, турски, албански, бугарски, српски и т.н. Тоа е нешто што го стекнувам како знаење одејќи по патот, патувајќи по Балканот. Едноставно, ме влече како магнет се што е поврзано со традиционалната музика. Така ги избирам песните, како што доаѓам во контакт со нив и ми се залепуват за срце.

Уметниците во последните години се повеќе се свртуваат кон традицијата. Колку е важно преку музиката и воопшто, преку уметноста да ги чуваме нашите корени?

Тоа е од исклучително големо значење и се радувам што почнуваме да го подигаме нивото на свест во однос на гледањето на традиционалната музика. Оно што е многу важно и на што треба сериозно да посветиме големо внимание е како импровизираме кога станува збор за традиционалната музика. Мора да внимаваме да биде тоа во духот на традиционалната музика. Кога станува збор за вокална интерпретација, јас се трудам и многу внимавам да ја користам орнаментиката што се користила иво тоа време. Музиката може да се импровизира, меѓутоа секогаш мора да има еден цврст столб што ќе ја држи цврсто кон традиционалната музика ако сакаме тоа да го наречеме некакво чување. За да чуваме треба да задржиме дел од тие парчиња кои останале. Неминовен е моментот дека живееме во друго време и не можеме да се однесуваме, и да пееме достојно на Вања Лазарова, затоа што тоа време не сме го доживеале. Секогаш треба да имаме должна почит и внимание, затоа што имаме голема одговорност да се играме со нешто што ни го одбележува народот како таков, ни ја одбележува културата, традицијата и т.н. Ова го говорам не само за македонската, но и за другите народи и култури со кои што доаѓам во допир. Се радувам ако има колеги кои ќе влезат со голема сериозност во ова и ќе направат младите луѓе да дојдат до едно размислување дека традиционалната музика е нашиот блуз, нашиот џез, дека тоа е модерно и дека треба да биде модерно, затоа што тоа се нашите корени, а тоа е нешто што не одбележува.

Кои се Вашите планови за наредниод период? Може ли публиката во Србија да се надева на некој концерт во блиска иднина?

Тоа е една од моите поголеми желби, сметам дека за ова што работам во Србија има публика. Оваа музика не е само создадена за македонската публика, тоа е музика што би требало светот да и биде публика. Се радувам на секоја покана што ќе ја добијам.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button