Дрво на животот како благодарност подарија пациентите и семејствата на медицинскиот персонал на УКЦС во Белград

Дрво на животот, како знак на благодарност за медицинскиот персонал на Одделението за пластична хирургија при Универзитетскиот клинички центар Србија во Белград подарија пациентите и родителите на повредените во несреќата во “Пулс”.
Седумнаесетте имиња на пациентите испишани на дрвото на животот со панорама од Кочани кои се лекуваат на Универзитетскиот клинички центар во Белград беше врачено на докторите на Одделението за пластична хирургија на редовниот брифинг со родителите за медицинската состојба на своите деца.

Притоа упатија јавна благодарност за професионалноста и пожртвуваноста на српските доктори во лекувањето.
– Голема благодарност на целокупниот персонал, на професионалните Хипиократови следбеници, доктори и медицински персонал на Универзитетскиот клинички центар и Воено-медицининската академија во Белград за беспрекорната грижа за нашите деца. Подарокот нека ги потсетува на сите деца кои овде се лекуваа и уште се лекуваат на клиниката. Јавна благодарност на сите Македонци во Србија, на македонските здруженија и на српскиот народ за поддршката изминатиов месец. Мора да ја споменеме и Српската православна црква, Владата на Србија и Министерството за здравство за се она што го прават за нас и нашите деца во овие моменти, истакнаа родителите.

Редовните медицински брифинзи на УКЦС во Белград – трошка надеж за родителите
Секој ден околу пладне, во изминатиов месец докторите ги информираат родителите за медицинската состојба на хоспитализираните пациенти. Секој кажан збор на докторите се мери и значи надеж, дека повредите час поскоро ќе заздрават и децата ќе се вратат во Кочани.
На УКЦС – Белград во моментот се лекуваат 13 пациенти од Кочани
Вкупно 13 пациенти се уште се лекуваат на Одделението за интензивна нега при Универзитетскиот клинички центар во Белград.
Според последните информации истите ќе бидат отпуштени во следниот период во неколку групи во зависност од степенот на закрепнување. Од првичните 17 кои беа примени на универзитетската клиника во Белград, четири веќе се пуштени на домашна нега.
